Билатералните односи на завидно ниво - приоритет е економската соработка
Пријателска и конструктивна средба со која се потврдува континуитетот на размена на мислења и ставови за билатералната соработка и за нашите надворешно-политички приоритети, ја оцени премиерот Никола Груевски денешните разговори со неговиот хрватски голега Зоран Милановиќ, кој е во посета на Република Македонија.
На средбата било констатирано е дека помеѓу Република Македонија и Република Хрватска владеат одлични билатерални односи кои континуирано се развиваат и се карактеризираат со долгогодишна соработка и пријателство во сите области од заемен интерес.
Како што изјави премиерот Груевски по средбата, била истакната и подготвеност и посветеност за нивно натамошно унапредување особено во делот на економската соработка.
- Се согласивме дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на економската соработка, за продлабочување на трговската размена што би довело до реализација на заедничката цел во следните години, а тоа е Хрватска да стане уште поголем партнер на Република Македонија во трговската размена, рече Груевски.
Груевски и Милановиќ разговарале и за можностите за соработка на полето на инвестициите. Некои хрватски компании, посочи Груевски, имаат инвестирано во Македонија, други размислуваат, но сите, истакна, се добредојдени. За туризмот, на средбата било констатирано дека постои голем потенцијал во двете насоки, како и во многу други области во кои можат двете земји да соработуваат а се од заеднички интерес.
Премиерите на Македонија и на Хрватска за време на разговорите се фокусирале и на Европката Унија и НАТО. Според премиерот Груевски, сите хрватски искуства се и ќе бидат добредојдени за Македонија.
- Ги отворивме сите позначајни прашања, разменивме многу искуства, како во делот на економијата, така во делот на патот кон ЕУ, и се разбира во политичкиот дел. Можам да кажам дека ние и досега и во иднина Хрватска ќе ја сметаме за пријател на Република Македонија. Ќе продолжиме да работиме и понатаму на одржување на одлични политички односи и преку вакви средби што повремено ги правиме на високо ниво и со секаква соработка на политичко ниво. Ќе работиме уште повеќе на охрабрување на нашите компании и давање подобри услови за нивна соработка, но и на делот на ЕУ и на НАТО, рече Груевски.
Премиерот Милановиќ меѓу другото посочи дека мора да биде надмината блокадата на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
- Оваа состојба мора да престане. Ги разбирам и проблемите и стравовите на некои држави. Историјата е нешто што не можеме да го менуваме, а таа може да условува многу работи. Но, живееме во сегашноста, знам дека тоа звучи како фраза, но Македонија е мала држава која за никого не е закана, развива доста во светот забележителна бизнис клима, истакна премиерот Милановиќ.
Тој потенцира дека Македонија воведе низа зкаони и даночни реформи, кои покажуваат дека и со мали даноци, како што има Македонија и е една од европските прваци и има позитивни резултати, а тоа е очигледно смислена и јасна политика која се води. Во политиката, смета тој, и кога имаш јасна цел и кога знаеш што сакаш, никогаш не си сигурен како ќе заврши.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа