Мицкоски: Колективниот договор носи зголемување на платите за 20% во социјалната заштита
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека колективниот договор потпишан од Министерството за социјална политика, демографија и млади, значи зголемување на платите за вработените во јавните установи за социјална заштита за околу 20 проценти и подобрување на условите за работа.
- Станува збор за потпишување на колективен договор во историска смисла на зборот за вработените во социјалните установи и центрите за социјални работи ширум државата. Со тоа ќе имаме значително зголемување на платата започнувајќи од платата за месец август во периодот кој следи. Министерството за социјална политика, демографија и млади прави, би рекол, историски чекор во таа насока, рече Мицкоски по посетата на Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“ (РЕК „Битола“).
Премиерот нагласи дека освен зголемувањето, колективниот договор значи и подобри услови за работа за вработените во овие установи.
- Не е само зголемувањето на платите што треба да биде дваесеттина проценти, туку станува збор и за услови кои ќе го подобрат амбиентот на работа на вработените во тие установи и ќе значат дополнителна енергија во рамките на социјалната политика во Македонија како држава, рече Мицкоски.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ), претставуван од претседателот Трпе Деаноски, како и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), претставуван од претседателот Јаким Неделков, од другата страна на 7 август го потпишаа Колективниот договор за вработените во јавните установи за социјална заштита.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа