Нема симптоми на ебола кај студентот од Нигерија
Нема симптоми на ебола кај студентот од Нигерија кој се наоѓа на Инфективната клиника во Скопје, изјави денеска за медиумите проф.д-р Снежана Стојковска од Клиниката за инфективни болести.
Таа апелираше до граѓаните да бидат смирени, бидејќи како што рече, познавајќи го заболувањето на хеморагична треска, симптомите кои се јавуваат по покачувањето на температурата настануваат релативно брзо, ретко кој од симптомите кои ја следат болеста настануваат после 72 часа од покачувањето на температурата.
- Младиот студент од Нигерија на 4-ти септември стигнал во нашата држава, поминал низ сите аеродромски процедури и при тоа немал никакви манифестации, по што заминал таму каде што студира, рече Стојковска.
Во текот на завчерашниот ден, како што посочи, Нигериецот не се почувствувал добро и со оглед на регионот од каде доаѓа тој од епидемиолошките служби е ставен под надзор, а во текот на вчерашниот ден е префрлен на Инфективната клиника.
Стојковска додаде дека пациентот е примен на соодветен начин бидејќи институцијата апсолутно располага со кадар, со простор, со стручност и со протоколи кои важат за надгледување, за испитување и за следење на пациенти под сомнение за некои од инфективните заболувања, па така и за ебола.
Според неа, пациентот не е примен со симптоми кои би укажувале дека се работи за ебола. - Пациентот е примен за опсервација бидејќи имал покачена температура, а доаѓа од држава каде постојат и други ендемски заболувања. Пациентот е во тек на испитувања не само за тоа заболување, туку и за други заболувања кои се во таа држава ендемски, реле Стојковска.
Посочи дека пациентот засега е во добра кондиција, нема температура и оти е прегледан во повеќе наврати од медицински тимови.
- Освен покачена температура и податок дека пациентот доаѓа од тој регион немаме ништо посебно и алармантно и никаков друг параметар кој би кажал дека апсолутно се работи за нешто такво. Функцијата на Клиниката е да го превенира и опсервира секој сомнителен случај, па така и тој е ставен под опсервација, истакна Стојковска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа