СДСМ: Контролираните судии од тефтерчињата на ДПМНЕ се срам за македонското правосудство

 

Бране Петрушевски, кој не знае ништо друго освен да држи прес-конференции и да глуми опозиција, треба да знае дека сите судии кои денес се дел од судскиот систем се од „тефтерчињата“ на неговите партиски поранешни функционери, реагираат од СДСМ на изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ дека пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово е срамна.

„Петрушевски треба исто така, да ѝ каже на јавноста дека токму ВМРО-ДПМНЕ, а не СДСМ, донесе закон со кој се намалија казните. Добро познатиот Михајло Маневски го донесе тој закон. Затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да молчи и да не глуми загрижена опозициска партија. За речиси цела година, колку што се на власт, од реформи во судството досега успеаја само да изберат сопруга на нивен градоначалник во Судскиот совет и баџанак на нивниот партнер Изет Меџити за судија. Тоа се реформите на ВМРО-ДПМНЕ во судството“, се вели во реакцијата.

Цела година, велат од СДСМ, Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ не направија ниту една реформа и нема донесено ниеден реформски закон.

„Цела година Петрушевски само држи партиски прес-конференции, се заканува од говорница, а неговата Влада нема реализирано ништо по ова прашање. СДСМ и Филипче се први кои побара реформи во судството и први понудија поддршка за носење реформски закони за европско судство. Очигледно, само Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ немаат интерес за промени, бидејќи им одговара темата за да држат партиски прес-конференции. За крај, Бране Петрушевски треба да одговори: како тоа прво не им одговараше јавниот обвинител и обвинуваа дека бил човек на СДСМ, а сега одеднаш им одговара? Како тоа Мицкоски беседеше и се закануваше дека ќе ги распушти сите судски институции, а потоа се повлече? Затоа, Бране нека одговори конкретно на овие важни прашања и нека сфати дека се на власт и дека пред себе имаат јасна агенда за реформи – која не ја спроведуваат“, пишува во реакцијата.

 
16.05.2025 - 19:22

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега