Иванов: Демократија е игра во која мора да сте присутни до крајот

 

Демократија е игра во која мора да сте присутни до крајот, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов синоќа во интервју за Македонската телевизија, коментирајќи го бојкотот на опозицијата на Собранието.
 
- Кога сте го добиле мандатот, мора мандатот до крај да го исполните на основа на довербата што сте ја добиле од граѓаните, затоа што се случуваат толку брзи процеси и ако вие сте исклучени, тогаш како ќе знаете да се прилагодите и да бидете дел од тие процеси кои се случуваат во институциите. Меѓутоа секој си сноси одговорност за своите постапки, вели претседателот Иванов.
 
Сеуште, додава, транзицијата на демократијата во Македонија не е консолидирана до крај. Одговорноста е на секој за тоа, и она што се пренесува надвор лошо влијае за севкупните процеси кои ги води Македонија. Сето тоа се изразува и во извештаите, тоа се одразува кога сме на дневен ред, кога се расправа за Македонија“,  посочува претседателот Иванов.

Граѓаните, вели претседателот, многу добро знаат кој работи во интерес на државата, кој се залага да се промени одредена состојба, кој нуди решение за сето она со кое се соочуваме и тоа знае да го награди или да го казни на изборите. - Ако не прифаќате она што е волја на граѓаните тогаш до вас е проблемот“, нагласува македонскиот претседател.
 
Оценувајќи ја имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, претседателот Иванов со став – тој носи поинаква одговорност за заедничката држава.
 
- Охридскиот договор, ако доведе до едни повисоки стандарди во однос на правата на заедниците, тој носи и поинаква одговорност за заедничката држава. Така што, се надевам дека во времињата кои доаѓаат повеќе акцент ќе се става на обврските и одговорноста за заедничкиот соживот, бидејќи тоа е потреба за сите нас. Секој треба поединечно да вложува во соживотот бидејќи доаѓаат генерации кои лесно се заведуваат од одредени радикални поединци, рече претседателот Иванов.
 
- Одредени поединци го користат тоа што е мултиетничка демократија, права на заедниците, користат за да придобијат призврзаници, за да создадат таков амбиент. Некој пат се генерализираат одредени состојби. Стравовите се реални затоа што знаеме низ што помина Македонија и целиот регион.  Меѓутоа сосема  е поинаков амбиентот  денес. Тие поединци можеби создаваат психози, создаваат страв кај населението, но институциите знаат како да се справат со нив да се дојде до решение. И тука важи истото што и за демократијата.  Тоа е одговорност за секој поединец, секој треба одговорно да се однесува и да знае секоја негова постапка какви последици може да предизвика. Затоа, секој пат ги повикувам сите што живееме на овој простор, сите етнички групи, религиозни, јазични да го чуваме нашиот модел на соживот, да си помагаме меѓу себе, да бидеме луѓе кои ќе бидат за пример, кои секој пат ќе наоѓаат решение, вели претседателот Иванов за МТВ, констатирајќи дека Охридскиот договор покажа дека сите барања кои постојат можат да се решаваат преку институциите.

08.09.2014 - 11:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега