Децата од Прилеп се израдуваа на новото инклузивно игралиште за деца со посебни потреби
Во присуство на заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и амбасадорот на Полска Јацак Мултановски во центарот на Прилеп зад музејот „11 Октомври“ пригодно е отворен инклузивен парк за деца со посебни потреби.
За изградбата на паркот се вложени 16.000 евра, од кои 11.900 евра донација од полската Амбасада.
- Социјализацијата на оваа ранлива категорија граѓани е од големо значење не само за Прилеп, туку и за државата. Владата прави големи напори за нивна социјализација, рече Ибрахими.
Полска, истакна амбасадорот Мултановски, неколку години вложува во вакви проекти и овој е петти по ред ваков инклузивен парк во Македонија за социјализација на децата од ранливите категории.
Прилеп веќе оспособува неколку центри за децата со посебни потреби и за ранливите категории граѓани.
- Имаме Дневен центар за згрижување на децата со посебни потреби, наскоро ќе биде отворен центарот за децата на улица, а ќе има и просторија за децата со аутиза. Во овој проект општината вложи околу 5 илјади евра, рече градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
За генералниот секретар на Националниот совет на телесно инвалидизираните лица Совка Прчева битна е визијата за инклузијата во општеството, а има приоритети на кои се работи.
- Голема благодарност за отворањето на инклузивното игралиште. Приоритетните проблеми за решавање е пристапноста до училиштата, до образовните институции. Владата секоја година донесува одлука за отстранување на бариерите, а многу е битно тие да се отстранат во образовните институции. Во земјава имаме 8.000 членови во 17 општински здруженија, вели Прчева.
Досега вакви инклузивни игралишта со донација на полската амбасада има во Скопје, Струмица, Битола и Чешиново-Облешево.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа