Уапсените екстремисти во Косово сослушани под засилена полициска заштита

Во импровизираниот суд во киното АБЦ во Приштина, со засилена полициска заштита, сослушани се 40 - мина осомничени за учество во борбите во Сирија и Ирак и за поддршка на терористички организации.

Осомничените ги негираа сите наводи на Обвинителството, по што судијата им одреди уште 48 часа притвор. 

Претседателот на Основниот суд во Пришина Хамди Ибрахими изјави дека до утре нема да може да донесе одлука за продолжување на притворот или за други мерки, кои се предвидени со закон.

Осомничените под силни безбедносни мерки и во придружба на специјалните полициски единици се вратени во притвор.

Извор кој присустувал на сослушувањето изјави дека неколкумина од приведените се изјасниле дека заминале во Сирија по повик на косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај за да им се помогне на опозициските сили во земјата. 

Според претходните написи на приштинските медиуми само четворица од 40 уапсени признале дека учествувале во борбите во Сирија. 

Медиумите потсетуваат дека Хоџај во април 2012 година во зградата на косовската Влада изјави дека Владата на Косово се повеќе ќе ја поддржува опозицијата во Сирија. 

Косовската полиција во понеделникот уапси 40 лица ширум Косово, кои се осомничени дека учествувале во борбите во Сирија и Ирак и дека поддржувале терористички организации. 

13.08.2014 - 10:35
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега