Ништо не може да ја врати Фросина, но навистина не можам да видам грешка во судскиот систем

 

Казната од 12 години затвор за возачот Васил Јованов е во рамки на европската пракса, сподели адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска. Праксата во Европската Унија за казнување на возачи кои учествувале во сообраќајни несреќи со смртни последици е од една до три години кога е сторена од небрежност, а од 7 до 12 години кога лицето било во бегство, возело под дејство на алкохол или сторило низа сообраќајни прекршоци. Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска вели:

„Ако некој со ладна глава и без нарцисоидност има волја да прочита каква е праксата во ЕУ за казнување во сообраќајки со смртни последици, а не само да урла по судовите и кога треба и кога не треба“.

Новинарката Мери Јордановска, посочува дека затворите пак создаваат нови криминалци.

„12 години затвор за сообраќајна несреќа со смртни последици е највисоката изречена казна, барем според судската статистика што ја следев до пред 3 години. Ништо не може да ја врати Фросина назад, за жал, трагедијата е преголема, нема зборови со кои може да се опише болката, но овојпат навистина грешката не можам да ја видам во судскиот систем. Половина од казните изречени за сообраќајни несреќи со смртни последици се УСЛОВНИ. Во случајов, имаме 12 години, што значи дека човек ќе влезе во Идризово на 21 година, а ќе излезе на 33 години. Утре ќе се протестира и ќе се бара тој да излезе на 41 година, оти тоа е максимумот, не може повеќе. А дали некој помислува дека тој затвор создава само нови криминалци и ментално онеспособени личности, кои кога ќе излезат, ќе бидат сѐ освен рехабилитирани и подготвени некако да придонесат во општеството? Не. Затворите раѓаат уште поголеми криминалци и онеспособени лица. Но, тој аспект често се занемарува. Знам дека нагонот да се бара доживотен затвор често ни личи како излез од сѐ, но не е. Реалноста покажува дека не е. И тука повторно доаѓаме до системот, дека ние немаме превенција. За ништо. Лечиме последици, причините ни се во заден план. Да не речам во непостоечки план. Од милион причини, за кои допрво треба да се дебатира. И за тоа треба да протестираме“, напиша Јордановска.

14.05.2025 - 10:11

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега