Црвенковски брои ситно

Бранко Црвенковски ги брои последните часови во претседателската канцеларија на Бихаќка, откако од таборот на најголемата опозициска партија почнаа да излегуваат информации дека актуелниот лидер нема да ја прфати кандидатурата на иницијативниот одбор за нов претседателски мандат. Дали Црвенковски почнал да си ги пакува личните работи, или пак повлекувањето ќе биде само формално, информација нема и се се сведува на лични ставови и шпекулации. Повеќе аналитичари изразија сомнеж дека со повлекувањето од лидерската позиција, Црвенковски целосно ќе се повлече и од партијата, односно ќе му остави простор на новиот лидер самостојно да одлучува. 
Слични сомнежи денеска изрази и премиерот Груевски.
„Таму е повеќе од јасно дека кој и да победи од овие кандидати, според нивното однесување досега, тоа ќе биде ситуација во која повторно Бранко Црвенковски од позадина ќе ја раководи партијата затоа што се гледа дека тие повеќе во овој период се борат за милоста на Црвенковски отколку за што било друго, рече денеска премиерот Груевски.
Интерсно е што на еден ден пред стартот на Конгресот, од претседателската трка се повлече Игор Ивановски. Актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ во македонското Собрание потегот го оправда со намерата да се стави во функција на партијата и да не предизвика поделби. 
Сепак, името на Игор Ивановски во повеќе комбинации се споменуваше за позицијата Генерален секретар на СДСМ. Станува збор за партиска функција која е клучна по претседателската. Генералниот секретар располага со финансиските средства и е главен организатор на партиските активности, односно, десна рака на лидерот. 
Ивановски се споменуваше за оваа функција и доколку победи Заев, но и доколку за лидер биде избран Зоран Јовановски. 
Од дрга страна, Игор Иановски важи за еден од најблиските луѓе на Црвенковски, меѓу сите членови на СДСМ. Доколку влезеше во претседателската трка, а не успееше да ја добие довербата на Конгресот, тогаш, ќе му пропаднеше и шансата да биде избран за Генерален секретар.
Во ваков развој на настаните, а ако се има предвид и последната анкета за рејтигот на кандидатите меѓу членството на Бихаќка, најголем фаворит за победа е Зоран Заев иако познавачите на состојбите во СДСМ велат дека ниту Зоран Јовановски не треба да се исклучи од трката. 
Каков ќе биде епилогот ќе дознаеме утре, кога 705 делегати ќе застанат пред гласачките кутии со гласачкото ливче на кое ќе го заокружат името на својот фаворит. Од утре па натаму ќе може да видиме, колку новиот лидер ќе може да владее по вечниот Црвенковски и колку од одлуките ќе бидат ослободени од неговото влијание.

најчитано сега