Коњановски: Ефектите од реформите се повеќе од очигледни

По шест години ефектите од реформите и поддршката во земјоделството се повеќе од очигледни. Но, тука не треба и не смееме да застанеме. Постигнатите резултати мора да бидат поттик за уште повеќе и уште подобро, истакна ресорниот заменик министер Зоран Коњановски на денешната манифестација по повод Денот на пченицата во општина Илинден.

 

- Имаме обврска да го направиме тоа, да креираме политики чија тенденција ќе биде од единица површина да произведеме килограм повеќе храна. Токму преку директната поддршка, кофинансирањето на руралниот развој и носењето нови закони за заштита на растенијата и земјоделците од неквалитетни препарати, сакаме да обезбедиме поголемо производство, нагласи Коњановски. 

 

 

Мора да се создадат, додаде, и услови за обезбедување современа механизација. Во таа насока се измените на ИПАРД програмата кои веќе овозможуваат користење средства за набавка на нови трактори и машини.

 

 

Според Огнен Оровчанец, претседател на Агрокомората при Сојузот на стопански комори и сопственик на компанијата „Агроунија“ која го организираше денешниот настан, 30 отсто од родот зависи од употребата на квалитетен семенски материјал. Македонија, оцени Оровчанец, е на добар пат да обезбедува доволна храна за своите потреби.

 

Одговарајќи на новинарски прашања, тој потврди дека годинава се очекува добра жетва, со повисоки приноси и подобар квалитет. Родот, додаде, би требало да биде поголем за 1,5 до 2 тона на хектар од лани.

ФОТО: Денешен

 

 

 

најчитано сега