Кристална слика и беспрекорен звук - ТВ програмите од утре само на дигитален сигнал

 

Македонските граѓани од утре ќе следат телевизиска програма само преку дигитален сигнал, што треба да овозможи кристално чиста слика, беспрекорен звук и нови интерактивни услуги. Заради исклучувањето на аналогниот и вклучувањето на дигиталниот сигнал, граѓаните кои немаат кабелска телевизија, Макс или Бум ТВ, а имаат постар телевизор ќе треба да си купат нов телевизор со вграден уред за дигитален прием, или пак дигитален приемник (сет топ бокс) за да можат да следат телевизиска програма. Главната разлика во однос на досегашното аналогно емитување, што ќе замине во историјата по шестдецениско користење, е употребата на еден фреквентен канал за пренос на повеќе телевизиски програми во исто време. 

 Исклучувањето на аналогниот сигнал ќе ослободи поголем фрекфенциски опсег, што ќе овозможи за 16 пати да се зголеми бројот на програми, од сегашните 49 на 400. Дигитализацијата  овозможува воведување и на 4G (четврта генерација на широкопојасни мобилни мрежи) со што се обезбедува голема брзина на интернет пристап.  Ќе се  добие  и    повеќеканален тон, односно дополнителни услуги како титлување на повеќе јазици и можност за избор на саканиот јазик,   електронски телевизиски водич со термин на прикажување и опис на емисиите до седум дена однапред, прием на телевизиските сервиси и со други „паметни“ уреди и средства (персонален компјутер, телефон, лаптоп, таблети и друго). Се подобруваат и можностите за нови тематски канали (информативни, детски, спортски,...), побрз телетекст, 3D телевизија, како и можности за интерактивна телевизија со употреба на интернет врска, информативни услуги (datacasting), купување и плаќање од дома, интегрирање на интернет апликации како социјални мрежи, портабилен и мобилен прием. Со дигитализацијата ќе заминат во историјата слабостите на аналогната телевизија, ограничениот број фреквенции и подложноста на интерференции и губење на сигналот или негово дуплирање, што се карактеризираше со т.н „сенки и снег“. 

Од компанијата ОНЕ, што Агенцијата за електронски комуникации ја избра преку тендер да ја спроведе дигитализацијата  на националните и регионалните комерцијални телевизии, тврдат дека се комплетно подготвени целиот процес да профункционира на предвидениот датум. Според компанијата, сите национални и регионални телевизии во Македонија кои добиле лиценца од Советот за радиодифузија и кои потпишале договор со нив и навреме ја обезбедиле потребната техничка опрема на 1 јуни ќе бидат емитувани дигитално преку нивната платформа. Досега на дигиталната платформа на ОНЕ се поврзани сите национални телевизии и дел од регионалните. Останатите регионални телевизии ќе бидат приклучени на дигиталната платформа, како што ќе ги исполнуваат техничките услови. За секоја новододадена телевизија ОНЕ најави дека континуирано и навремено ќе ги информира гледачите преку порака која ќе се појави на нивните ТВ екрани, доколку имаат дигитален приемник (сет-топ-бокс) од ОНЕ, а сите останати на инфо каналот, како и на веб страната на ОНЕ, во доменот „дигитализација“.

Од вкупно 61 телевизија во целата држава  60 телевизии побараа промена на дозволата од Советот за радиодифузија (СРД) за премин од аналогно во дигитално емитување. Од нив 30 телевизии (петте национални, шест од постојните регионални телевизии во Скопје и 20 од поранешните локални телевизии) ќе емитуваат програма преку ОНЕ, а 30 преку кабелски оператори.  На годишно ниво националните телевизии на ОНЕ ќе и плаќаат надомест од 99.840 евра, а регионалните 13.056. Тие износи првично беа повисоки за 36 проценти, но операторот ги намали по реакцијата на телевизите и барањето што го упати до нив Министерството за информатичко општество и администрација.

Со стартот на дигитализацијата домаќинствата што имаат постар модел на ТВ приемник ќе може да следат програма само со помош на ресивер (примач) на дигиталниот сигнал, т.н сет-топ-боксови. Со нивно приклучување на ТВ приемниците ќе може да се изврши конверзија од дигитален во аналоген сигнал. Програмите на јавниот радиодифузен сервис и на сите комерцијалните телевизии граѓаните ќе ги гледаат бесплатно, а ако сакаат да гледаат дополнителни канали ќе треба да доплатат. Оние што сакаат да уживаат во телевизија со висока резолуција ќе мора да имаат ТВ приемник од типот HD Ready или FullHD со можност за декомпресија на дигиталниот ТВ сигнал од MPEG-4 формат. Граѓаните кои гледаат телевизија преку кабелските оператори, Boom TV, MaX TV нема да бидат засегнати со исклучувањето на аналогниот телевизиски сигнал и тие домашните телевизиски канали ќе можат да ги гледаат како и досега. Доколку се купува нов ТВ-приемник со вграден тјунер неопходно е тој да поддржува DVB-T и MPEG-4 и пожелно е да прикажува телевизија со висока дефинција – HD Ready или FullHD. 

Граѓаните ќе можат да пријават евентуални проблеми при преминот од аналогно во дигитално емитување на телевизиските сигнали на бесплатниот телефонски број 190 во контакт центарот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), а ќе може да се обратат и до Советот за радиодифузија.

 Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во неколку наврати апелираше граѓаните да се подоготват за дигитализацијата и да набават дигитален приемник за да можат да ги следат програмите. Според анализите на Советот за радиодифузија (СРД), 15 проценти од домаќинствата  во целата држава не користат услуги на кабелски оператори, а од нив само оние што немаат современ телевизор ќе треба да набават ресивер.

Потребните сет-топ-бокс за следење на програмите со стартот на дигитализацијата се достапни на повеќе од 1.000 продажни места во Македонија. Граѓаните можат да ги набават во салоните на ОНЕ и во сите продажни места за техничка опрема. Цената на уредот изнесува 990 денари. Такви уреди бесплатно ќе добијат корисниците на социјална помош. За таа категорија граѓани државата преку МРТ набави 40.000 сет-ап-боксови. Можат да ги подигнат во центрите за социјални работи.

Кај јавните телевизиски сервиси процесот на дигитализација стартуваше на почетокот на минатата година преку ЈП „Македонска радиодифузија“ на која и беа доделени два мултиплекси, изгради инфраструктрура и веќе дистрибуира на ДВБ-Т сигнал за националноте телевизиски сервиси. Постоечката јавна давачка, надоместот за  радиодифузна такса, е независна од процесот на дигитализација и таа и натаму останува како засебна давачка. 

 

Процесот на дигитализација на телевизијата е завршен или е во тек во повеќето европски земји. Во регионот Македонија е прва држава што ќе премине на дигитално емитување. Доколку не премине на дигитална телевизија, Република Македонија не само што технолошки ќе заостанува зад другите држави туку и дигиталниот сигнал од соседните земји ќе го попречува постоечкиот аналоген сигнал во нашата земја. Како стандард за дигитална телевизија е земен европскиот DVB-T стандард, што е најраспространет во светот. 

најчитано сега