Mакедонските аеродроми со трипати поголем раст на патници од европскиот просек

Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“, двата аеродрома менаџирани од „ТАВ Македонија“ и во првата половина од 2014 година продолжуваат со стабилниот раст на бројот на патници. Од јануари до јуни нивните услуги ги користеле 559.779 патници што е зголемување од 18,5 отсто во однос на лани, кога нивниот број беше 472.536.

- Додека во Европа порастот на бројот на патници е помеѓу пет и шест проценти македонските аеродроми во првите шест месеци од годината остварија зголемување што е трипати поголемо. „Визер“ отвори своја база на Скопскиот аеродром и со два авиона почна да лета до нови дестинации како Париз, Франкфурт, Брисел и Келн. Исто така, „Алиталија“ потворно ја отвори директната линија од Рим до Скопје. Од почетокот на годината до сега топ пет дестинации се Истанбул, Цирих, Виена, Лондон и Малме, посочи Зоран Крстевски, генералниот менаџер на „ТАВ Македонија“.

Тој прецизира дека во јуни минатата година услугите на македонските аеродроми беа искористени од 107.178 патници, додека во јуни годинава достигна 126.430 што е подобрување за 18 отсто.

- Како резултат на директните летови до многу дестинации од Скопскиот аеродром, бројот на патници, не само од Македонија, туку и од другите земји, е зголемен. Со цел да го одржиме растот на бројот на патници откако почнавме да ги менаџираме македонските аердроми, „ТАВ Македонија“ и „ТАВ аеродроми“, продолжуваат со промотивните и маркетинг активностите, потенцира Крстевски.

Скопскиот „Александар Велики“ веќе два пати по ред ја освои наградата „најдобар аеродром во Европа“ во категоријата на аеродроми под два милиони патници што ја доделува Меѓународниот совет на аеродроми, глобалната платформа на оператори со аеродроми. Од „ТАВ Македонија“ велат дека ќе продолжат да работат напорно за да ја задржат лидерската позиција и постојано да го подобруваат нивото на услугите.

18.07.2014 - 10:28
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега