ЕУ повторно повика на смиреност: Секој има право да демонстрира, но не со насилство
Европската унија денеска повторно апелираше до сите македонски граѓани да останат смирени и да се воздржат од насилство, јавува МИА.
Портпаролот на Европската комисија, Маја Коцијанчич по повод најавените утрешни протести и контра-протести за пресудите во „Монструм“, во име на официјален Брисел ги повикува македонските граѓани и политичките лидери во земјата „да се здружат во духот на конструктивен дијалог за решавање на прашањата кои го поткопуваат заемното разбирање и кооперативни меѓуетнички односи“.
- Сите граѓани имаат право да демонстрираат и да ги изразат своите ставови на мирен начин, но не и правото да се вклучат во деструктивни или насилни акти, вели Коцијанчич за МИА.
Коцијанчич го повтори минатонеделното соопштение и повик на канцеларијата на ЕУ во Скопје, посочувајќи дека „додека секој меѓуетнички инцидент или обид да се поттикне нетолеранција е шанса да се политизира и да се искористи ситуацијата за лични или политички цели, тоа е исто така можност да се отвори дијалог и да се зајакнат врските меѓу различните заедници“.
- Ова е можност за лидерите да застанат зад интегрираната земја што целосно ги почитува своите различности, порача на крајот портпаролката на Кетрин Ештон, висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
-Официјален Брисел е загрижен од можноста да дојде до ново насилство и нарушување на меѓуетничките односи во Република Македонија во текот на утрешниот ден, со оглед на тоа што освен протести на поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, овојпат се најавени и контра-протести од страна на оние кои даваат поддршка на пресудата доживотен затвор за убијците на четирите момчиња и еден возрасен човек на православниот празник Велики петок во 2012 година, пишува денеска МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа