Тaња Каракамишева: Опозицијата нема капацитет “машки” да признае пораз

 

Унивирезитетската професорка, Тања Каракамишева-Јовановска, редовен професор на Правниот Факултет во Скопје, со покренување на иницијативата пред Уставниот Суд, за одредбата од изборниот законик, која предвудува обележување со видливо мастило на гласачите, смета дека ќе допринесе во здраво изборно законодавство, кое со последните измени иницирани од СДСМ, е доведено до најниско ниво со ваквата одредба. Во интервјуто за Прес24, Каракамишева-Јовановска ја објаснува причината поради која бара преиспитување на уставноста.

-Клучната констатација и суштинското образложение содржано во иницијативата е дека видливото обележување на палецот директно ја повредува тајноста на избирачкото право на граѓаните-избирачи, без разлика дали тие излегле или не излегле на гласање, го повредува принципот на еднаквост на граѓаните-избирачи при остварувањето на избирачкото право, односно не ја гарантира со Устав загарантираната еднаквост во слободите и правата на граѓаните-избирачи во нивното политичко уверување, ја повредува слободата на уверувањето и на мислата, директно го повредува моралниот интегритет на човекот, кој согласно Уставот на РМ, е неприкосновен, но можеби најважно од сé, го повредува достоинството на секој граѓанин-избирач, вели Тања Каракамишева-Јовановска за Прес24.

Таа смета дека оваа одредба, не само што не постигнала никаков позитивен ефект, очекуван од опозицијата како негов предлагач, туку внела дополнителен револт, незадоволство и огромно негодување меѓу граѓаните-избирачи во РМ, без разлика на нивната партиска определеност и припадност. Универзитетската професорка, добар познавач на изборните регулативи, тврди дека Македонија има добро изборно законодавство. Постојаните барања на опозицијата се само алиби за својот неуспех.

-Прочистувањето на избирачкиот список, но и неговото постојано ажурирање е процес кој се одвива контиунирано, само прашање е на политичка перцепција дали е доволно прочистен или не, што како прашање може постојано да биде предмет на проблематизирање доколку се има намера да се проблематизира, вели Каракамишева-Јовановска во интервјуто за Прес24.

Таа и порачува на опозицијата, причината за своите порази да ја бара внатре, а не изборните правила.

-Како да се заборава дека политиката не е избор на мис, каде е доволно само да си убав и да знаеш грациозно да одиш за да можеш да ја понесеш титулата на убавина. Во политиката, за да добиеш титула партија на власт треба да направиш многу за своите избирачи, треба да понудиш издржани и квалитетни програмски решенија врз основа на кои ќе ја освоиш нивната доверба, и нивните гласови. Заврши времето кога во македонската политика, па и во останатите професии, се живееше „на стара слава“, вели Тања Каракамишева – Јовановска, универзитетска професорка во интервјуто за Прес24, во кое ги анализра и најавените осум уставни измени иницирани од Владата.

 

ПРЕС24:  Покренувате иницијатива пред Уставниот суд за одредбата од Изборниот законик со која се дефинира обележување на гласачите со видливо мастило. Што е овде против уставно?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Подобро би било прашањето да гласи што во оваа одредба е во согласност со Уставот на РМ и со елементарните стандарди за човековите слободи и права. Член 108, став 6 од Изборниот законик на РМ е едно од најсрамните законски решенија кое од осамостојувањето на РМ го имаат видено граѓаните на земјата, и како такво час поскоро мора да замине во правната и законската историја како лоша епизода во развојот на македонското изборно законодавство. Да е парадоксот поголем, ова законско решение не се појави на самите почетоци од градењето на демократскиот амбиент и на демократската инфраструктура во земјата, кога можеби и ќе можевме некако да го оправдаме, поради, нели, недостатокот од искуство и знаење за тоа како треба да ги формулираме демократските поими, категории и институции во праксата, туку дојде по 23 години практикување и функционирање на демократијата во политичкиот и во уставниот систем на земјата. Инаку, ова законско решение, како што имам детално објаснето во Иницијативата која во петок ќе биде поднесена пред Уставниот суд на РМ, е во директна спротивност со пет уставни одредби, и тоа со член 9, член 11, став 1 и 2, член 16, став 1, член 22, став 2, како и член 25 од Уставот на Република Македонија. Клучната констатација и суштинското образложение содржано во иницијативата е дека видливото обележување на палецот директно ја повредува тајноста на избирачкото право на граѓаните-избирачи, без разлика дали тие излегле или не излегле на гласање, го повредува принципот на еднаквост на граѓаните-избирачи при остварувањето на избирачкото право, односно не ја гарантира со Устав загарантираната еднаквост во слободите и правата на граѓаните-избирачи во нивното политичко уверување, ја повредува слободата на уверувањето и на мислата, директно го повредува моралниот интегритет на човекот, кој согласно Уставот на РМ, е неприкосновен, но можеби најважно од сé, го повредува достоинството на секој граѓанин-избирач. Покрај овие пет уставни одредби, видливото обележување е во спротивност и со одредби содржани во неколку релевантни документи од европското и од меѓународното право за заштита на човековите слободи и права, како што се: Европската конвенција за човековите права, Универзалната декларација на ООН, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, но и на бројни документи, препораки, кодекси и слични документи донесени од релевантни организации кои се занимаваат, меѓудругото, и со прашањата од областа на изборите и изборната демократија, како на пример, Венецијанската комисија при Советот на Европа, Комитетот за човековите права при ООН, ОБСЕ-ОДИХР, и слично.       

ПРЕС24: Оваа одредба беше дел од барањата на опозицијата на последните измени на Изборниот законик, како гаранција од евентуални неправилности при гласањето. Ако тоа беше политичка одлука, оваа иницијатива не отвара ли нова дебата за едно да речеме затворено прашање меѓу опозицијата и власта?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Ова прашање треба и мора да го разгледуваме единствено низ призмата на правото и низ призмата на правните стандарди кои Република Македонија мора да им ги обезбеди на сопствените граѓани во заштитата на слободите и на правата, доколку земјата сака позитивно да биде евалуирана дека поседува демократски капацитет и квалитет, и дека има демократска иднина. Ако ние самите, заради некакви политички каприци и од детски инает на опозицијата, намерно предлагаме и оживуваме законски решенија кои се дел од средновековното право, а за кои ни се смее светот, тогаш никого друг од надвор не можеме да обвиниме дека ни е виновен за одредени состојби во нашата земја. Научните и правните аргументи велат дека ова решение не е во согласност со најзначајните правни акти во светот, а аналогно на тоа и со Уставот на РМ, и тука треба да се стави точка. Политиката и одлуките во политиката не смејат да одат надвор од правото и надвор од почитувањето на демократското начело на „владеење на правото“. Власта и опозицијата ќе мора да се сообразат со правото, и своите политички одлуки ќе мора да ги засноваат врз правно втемелени решенија признати и применети во демократскиот свет. Како редовен професор по Уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ застанувам во одбрана на Уставот и на правото.

ПРЕС24: Ги постигна ли ефектите ова законско решение, или пак предизвика дополнителни сомнежи?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Не само што не постигна никаков позитивен ефект, очекуван од опозицијата како негов предлагач, туку внесе дополнителен револт, незадоволство и огромно негодување меѓу граѓаните-избирачи во РМ, без разлика на нивната партиска определеност и припадност, туку донесе и негативна реакција од ОБСЕ-ОДИХР содржана во нивната првична изјава дадена по изборите дека се работи за проблематично решение кое мора да се преиспита. А за да го доловам револтот и незадоволството кај граѓаните од ваквото решение можам да кажам дека во изборниот период немаше човек, немаше граѓанин кој не ми пријде да ме праша кој го смисли ова решение и зошто јас како професор не реагирам ваквата одредба да се тргне од Изборниот законик. Ми требаше многу енергија и време да им објаснам дека ова не е мое решение, дека моето мислење е идентично со нивното, дека се работи за срамна одредба која веднаш по завршувањето на изборите ќе биде оспорена од моја страна пред Уставниот суд. Тоа е едната страна од медалот. Другата, по мене исто толку важна колку и реакцијата на граѓаните, е квалитетот на демократијата и самото поимање на демократијата што го нудат политичките субјекти во системот. Имено, парадоксално е опозицијата постојано да зборува дека се залага за воведување повисоки демократски стандарди во животот на граѓаните, а во пракса да наметнува правила кои немаат никаква допирна точка со демократијата. Оттука, сомнежите се навистина длабоки во смисла на доаѓање до одговор на клучните прашања, дали опозицијата навистина сака и работи во интерес на демократскиот напредок на земјата, или создава терен за намерно уназадување на демократските процеси со цел подоцна да има алиби за „оцрнување на власта“ и нејзиниот „диктаторски режим“. Често пати велам дека е врв на хипокризија и лицемерие пред сопствените граѓани, теоретски, преку пласирање празни флоскули и филозофски конструкции да се прикажувате како борци за повисоки демократски идеали, цели и принципи, а во праксата да нудите феудални правила од кои се срами секој граѓанин на оваа земја.

ПРЕС24: Ако пред неполна година власта и опозицијата постигнаа политички консензус за измените на Изборниот законик, во кои беа имплементирани голем дел нови одредби, сепак по изборите се покажа дека изборното законодавство во Македонија повторно е пред нови измени. Ако се анализираат изборните циклуси во Македонија и периодите пред нивно одржување, тогаш речиси и да нема избори пред кои немало модифицирање на изборните правила. Во што е проблемот, во лошите законски решенија, или пак во менталитетот на политичките партии во Македонија?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Тврдам дека Република Македонија, и пред најновите измени и дополнувања на Изборниот законик, кои во праксата се покажаа како недоволно квалитетни решенија кои внесоа поголеми проблеми отколку што успејаа да внесат поголем квалитет во водењето на изборните процеси, имаше квалитетна изборна регулатива која во најголем дел беше усогласена со изборните правила и стандарди кои се применуваат во земјите-членки на ЕУ. И ако ги следите внимателно барањата на опозицијата, тие главно се од политичка, а не од правна природа. Прочистувањето на избирачкиот список, но и неговото постојано ажурирање е процес кој се одвива контиунирано, само прашање е на политичка перцепција дали е доволно прочистен или не, што како прашање може постојано да биде предмет на проблематизирање доколку се има намера да се проблематизира. Истото се однесува и на барањето на опозицијата за одделувањето на партиите од државата. Не постојат прецизни изборни правила во светот како да се постигне тоа на таков перфектен начин каков што го бараат СДСМ. И тие се обидоа да искреираат изборни решенија кои на крај, во праксата испаднаа повеќе комични отколку сериозни. Има многу што да се каже за нив, но еве ќе издвојам неколку решенија кои беа донесени по нивен предлог, а кои не значат ништо во пракса. На пример, во член 8а, став 2, алинеја 2 се вели „во периодот од 20 дена пред започнување на изборната кампања па до завршувањето на изборот на претседател на РМ, пратеници во Собранието на РМ, и изборот на Владата на РМ согласно со резултатите од изборите и до завршувањето на изборите за избор на градоначалник, или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови...“. Преведено на обичен јазик тоа значи дека Законикот не дозволува да се одржуваат јавни настани по повод изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџет, но не забранува истото да се направи без организирање јавен настан. Значи ти како партија имаш право да ги информираш граѓаните да присуствуваат на одреден настан, само не смееш да викаш камери и медиуми за да го проследат настанот. Оваа одредба треба да создаде правен основ за одделување на државата од партијата!? Понатаму, во истиот член само во став 1, алинеја 1, е утврдено дека не може „да се располага со буџетски средства на РМ... од денот на донесувањето одлука за распишување избори. Логично прашање е како нормално да функционира државата без можноста да располага со буџетските средства!? Дали во случај на настапување итни околности кои се поврзани со финансиски трошоци, а кои не трпат одложување после избори, како на пример, итна набавка на реагенси или друг медицински материјал во здравствени организации каде се доведени во прашање човечките животи, државата треба да не реагира, да не располага со буџетските средства и да чека завршување на изборите!? Така ли се одделува државата од партијата...  

ПРЕС24:  Што е она што државата треба да го воспостави како правило за да исчезне недовербата на партиите кон изборните процеси?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Мислам дека законските решенија ниту се, ниту биле главниот проблем на опозицијата во нивната континуирана недоверба во изборниот процес. По мое мислење, нивниот главен проблем лежи во фактот што во целиов изминат период СДСМ не најде сили да погледна во самата себе, и во сопствените недостатоци, туку сопствениот неуспех го правда преку максимално оцрнување на својот политички конкурент. Како да се заборава дека политиката не е избор на мис, каде е доволно само да си убав и да знаеш грациозно да одиш за да можеш да ја понесеш титулата на убавина. Во политиката, за да добиеш титула партија на власт треба да направиш многу за своите избирачи, треба да понудиш издржани и квалитетни програмски решенија врз основа на кои ќе ја освоиш нивната доверба, и нивните гласови. Заврши времето кога во македонската политика, па и во останатите професии, се живееше „на стара слава“. Многу работи се изменија во македонското општество. Граѓаните сé повеќе ја препознаваат добрата политичка понуда. Празните зборови и оцрнувањето на политичките противници веќе не се „ин“. Се бараат дела и многу напорна работа која граѓаните знаат да ја препознаат и да ја вреднуваат. Во оваа смисла, на ВМРО-ДПМНЕ мора да му се признае, колку и да опозицијата тоа не милува да го направи, дека воспостави сосема поинакви правила на политичко однесување и делување на политичката сцена. За прв пат ја воведе реалната политичка отчетност пред граѓаните, го зголеми степенот на политичка одговорност на политичарите, допре до потребите и интересите на секој општествен слој...Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата на РМ, г-динот Никола Груевски, успеја да создаде и да наметне нов, модерен профил на политички лидер, ново политичко лидерство кое е сосема различно од она што бевме навикнати да го гледаме кај останатите политички лидери во РМ. Сите овие показатели треба да бидат предмет на анализа кај опозицијата и треба да бидат основа за креирање контра-решенија ако сакаат да му парираат на ВМРО-ДПМНЕ, и уште повеќе ако сакаат да ја освојат власта на наредните избори. Оттука, недовербата во изборниот процес не може да биде единствениот адут во опозицискиот ракав ако сакаат да ја освојат власта. Повеќе никој не верува во приказните на „системските кражби“.       

ПРЕС24:  Реално, можна ли е системска кражба на гласови, како што тврди опозицијата? Како докази се нудеа наводни двојни лични карти, фантомски гласачи, притисоци врз администрација, недоволен пристап до медиуми? 

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Кога победата на ВМРО-ДПМНЕ е со разлика од над 200.000 гласа, секаков обид да се релативизира овој изборен успех наидува на потсмев меѓу граѓаните. Опозицијата, во ваков случај, кога власта има очигледно огромна поддршка од граѓаните, има две опции: првата е да излезат и да ја честитаат победата на политичкиот конкурент, што бара висок степен на политичка култура и политичка свест дека поради поразот треба да замине целото партиско раководство кое го претрпело поразот, или втора опција, да смислат сценарио кое би им ги зачувало партиските фотелји барајќи 1001 причина зошто не успеале на изборите. Факт е дека нашата опозиција нема капацитет да ја одбере првата опција и „машки“ да му честита на противникот. Мислам дека првата опција на долг рок е политички поисплатлива од втората, но до таа констатација треба да дојдат самите кадри во раководните структури на СДСМ.    

ПРЕС24: Овој последен бојкот на Парламентот и барања за нови изборни правила, веројатно се врвот, ако се види барањето за техничка Влада. Првите лидерски разговори пропаднаа, најава за втори нема. Како според Вас, ќе заврши оваа политичка криза во државата?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Ако се анализираат сите досегашни барања на опозицијата ќе се види дека тие се намерно одбрани така да немаат објективност, ниту оставаат можности и простор да поминат кај власта, заради нивната реална неиздржаност, но и заради очигледната тенденциозност на опозицијата, РМ да се внесе во поголема и посериозна политичка нестабилност која ќе се одрази врз сите нормални текови во земјата. Имам чувство дека колку власта прави обиди и креира политики нешто да создаде и да направи за доброто на сите, толку опозицијата е насочена кон деструкција и внесување системски немир кој треба да ги демотивира сите кои гледаат прогрес во земјата. И покрај бројните апели од домашните експерти и од странските политички претставници дека бојкотот на Собранието на РМ не е решение кое ќе и донесе позитивен биланс на опозицијата, но и на државата, опозициските пратеници и натаму остануваат на цврстата партиска одлука за бојкот. Од друга страна, ултиматумот за формирање техничка Влада, во услови кога во РМ имаме легитимна и легална Влада избрана со мнозинска поддршка од пратениците во Собранието, и во услови кога не е исполнет ниту еден услов за нејзино формирање (за среќа во РМ нема ниту војна, ниту сме во поствоена состојба како во 2001-2002 година, немаме друг вид на вонредни околности, немаме состојба на нефункционални институции, немаме големи граѓански протести, немири, и слично) е врв на безидејноста и немање друг излез од ќорсокакот во кој СДСМ самата се втера. Вештачки конструираната политичка криза во Македонија, по мое длабоко уверување, мора максимално да се минимизира, да не речам игнорира, Македонија мора да продолжи напред со реформите, со привлекувањето на странските инвестиции, со отворањето нови работни места, со продуцирање добри политики во интерес на граѓаните...Доколку ставот на СДСМ за бојкот на институциите остане непроменет до крајот на летото, треба да започне постапката утврдена во Изборниот законик за организирање дополнителни избори за пратеници кои ќе ги пополнат испразнетите пратенички места, со што ќе се комплетира составот на Собранието. Ако СДСМ решила да пропаѓа нека и е со среќа. Македонија не смее да дозволи да биде колатерална штета на непромислените и безидејни политики на раководството на СДСМ .      

ПРЕС24: Минатата недела Премиерот, Никола Груевски најави промени на Уставот во осум точки. Иницијативата во опозициските кругови веднаш предивика сомнеж, бидејќи доаѓа во време кога опозицијата е надвор од Парламентот. Иако Премиерот повика на јавна расправа, сепак дали оваа иницијатива може да се толкува како избрзана?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Темпото на претседателот на Владата на РМ и е веќе добро познато на јавноста. И неговото мото на работа, не го оставај за утре она што можеш да го направиш денес. Тоа не треба да се гледа низ негативна призма, туку напротив, многу позитивно, затоа што динамиката на работите во политиката се засилува до степен да бара промени во законските, но и во уставните решенија. И тука нема ништо спорно. Како што напоменав претходно, работите во Македонија мораат динамично да се движат без разлика дали опозицијата сака да прифати таква динамика или не. Не смееме да дозволиме РМ и сите ние да станеме заложници на опозицијата и на нејзините „барања“ кои од авион се гледа дека немаат политичка длабина и политички сенс.

ПРЕС24: Сепак, кој е Вашиот став за овие одредби, особено оние од политички карактер, како бракот, уставната жалба, именувањето на НБРМ, измените околу составот на судскиот совет?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Сите предложени уставни измени во политичкиот дел ми се прифатливи, бидејќи за дел од нив зборувам повеќе од седум години. Имено, за потребата од воведување уставна тужба (жалба) во РМ сум пишувала многу, сум зборувала на многу меѓународни, и домашни конференции и настани, така што е одлично што конечно оваа владејачка гарнитура ја отвори можноста од нејзино внесување во Уставот. Во теоријата за човековите слободи и права се вели дека никогаш не е доста за нови и квалитетно поставени инструменти за заштита на човековите слободи и права. Кога велам квалитетно поставени инструменти мислам на правилно и оптимално дизајнирана рамка на употреба на уставната жалба во системот. Имајќи ги предвид негативните искуства на земјите (Словенија, Хрватска, Шпанија итн.) кои уставната жалба ја предвидоа како инструмент за заштита на сите со Устав загарантирани слободи и права на граѓаните, мислам дека Македонија треба да извлече поука од овие грешки и да ја димензионира уставната жалба само на конкретни лични, и на политичките слободи и права на граѓаните. Преголемата можност од употреба на уставната жалба доведе до парализирање на работата на уставните судови во голем број европски земји, поради недоволниот кадровски капацитет, но и поради спецификите кои уставните судови ги имаат во работата во споредба со редовните судови. Од друга страна, мислам дека е време да се размисли за една поголема уставна реформа на Уставниот суд на РМ. Кога веќе се отвора овој дел од Уставот, треба да се размисли за поширок процес на уставно модернизирање и усогласување на нашиот Уставен суд со добрите практики кои постојат во земјите-членки на ЕУ во поглед на структурата, организацијата, и надлежностите на Уставниот суд. Не треба да се заборави дека Уставниот суд во секоја демократска земја има значајни функции во консолидирањето и во одржувањето на нејзиното демократско владеење. Уставниот суд игра сé поважна улога во „оживувањето“ на највисокиот правен акт во земјата како акт кој ја обликува и насочува политичката власт. Но, факт е дека не сите уставни судови можат да ја остварат оваа цел. Некои од нив стануваат немоќни структури во налетот на моќта на извршната и законодавната власт, некои не можат да го придобијат почитувањето од јавноста, бидејќи се трансформираат во "диктатори" на тоа што извршната и законодавната власт треба да прави трансформирајќи се во "скриени политичари" кои ја негираат волјата на граѓаните. Факт е дека Уставниот суд на Република Македонија има потреба од вистинска реформа, и тоа како во однос на начинот на предлагање и начинот на избор на уставните судии, законско уредување на статусните прашања поврзани со Уставниот суд преку донесување посебен Закон за Уставниот суд на РМ согласно добрите искуства што во оваа смисла се среќаваат во Република Словенија, Република Хрватска, Република Србија, Австрија, Шпанија, Романија, Бугарија, Чешка, Словачка, СР Германија, Албанија, Полска, Латвија, Литванија, Ерменија, Италија и други земји, воведувањето на уставната жалба, така и во делот на утврдување одговорност на уставните судии за својата работа, посебни квалификации и компетентност кои треба да ги поседуваат уставните судии, поголема професионалност на уставните судии, промена во мандатот и евентуално воведување на ротациското менување на 1/3 од составот на Уставниот суд на секоја трета година, но и други реформски решенија.        

ПРЕС24:  Конкретно проф. Фрчковски вели дека институтот уставна жалба е механизам кој се внесува во Уставот, со цел да се избегне спроведувањето на пресудите на Стразбур. Тој тоа го поткрепува со моментот дека, доколку Судот за човекови права донесе пресуда различна од онаа на Уставниот суд, во Македонија, според законодавството, ќе треба да се почитува одлуката на Уставниот суд. Тоа за него е лажна претстава дека Македонија со овој инструмент, уставна жалба, се залага за поголеми човекови права?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Ваквото мислење на професорот е класично извртување на тезите и на правната процедура во системот на заштитата на човековите слободи и права. 

ПРЕС24: Во која смисла ги извртува тезите?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Професорот, намерно, или од незнаење прави вистински спин во релацијата и односот меѓу уставниот суд и правото на ЕУ, и релацијата и односот меѓу Уставен суд и правото на Советот на Европа. Каде е спинот? Точно е дека во правото на ЕУ, посебно во делот на заштитата на човековите слободи и права, многу уставни судови од земјите-членки на Унијата, ги држеја, а некои од нив се уште го држат приматот кога одлучуваат за заштитата на правата на сопствените граѓани. Тоа значи дека ако Судот на правдата на ЕУ, применувајќи го примарното право на ЕУ, или поточно Повелбата за основните права констатира дека во одреден случај не се повредени правата на некој граѓанин на земја-членка на Унијата, а Уставниот суд на таа земја констатира повреда, согласно одредбите од националниот Устав, одлуката на уставниот суд на таа земја има примат и се применува како позначајна во однос на одлуката на Судот на правдата на ЕУ. Во практиката можат да се набројат бројни такви случаи кога одлуките на германскиот, италијанскиот, полскиот, шпанскиот итн. Уставен суд, имале посилно дејство од правото на ЕУ, односно од одлуките на Судот на правдата на ЕУ. Тоа е една состојба, и таа не може да се поистовети со примената на правото на Советот на Европа, и на одлуките на Судот за човекови права во Стразбур како институција на Советот на Европа. Република Македонија е полноправна членка на Советот на Европа, и едновремено е потписник на Европската конвенција за човековите права. Тоа значи дека Македонија е должна како членка на Советот на Европа да ги почитува одлуките на Судот за човекови права во Стразбур независно од тоа како се изјаснил нашиот Уставен суд за конкретно прашање. Тезата на професорот Фрчковски дека со уставната жалба македонските власти сакаат да не ги „заобиколат“ одлуките од Стразбур нема никаква правна логика, а уште помалку правна издржаност ако се познава местото и значењето на уставната жалба во внатрешниот правен систем, од една, и заштитата на слободите и правата пред Судот во Стразбур, од друга страна. Тоа се две различни нивоа, две различни правни инстанци за заштита на слободите и правата, кои немаат допирна точка со она што го објаснува професорот Фрчковски. Уставната жалба, како што најави Владата како предлагач на уставните измени, ќе биде димензионирана како процесен инструмент за заштита на точно набројани уставни права, кои граѓаните ќе можат да ги заштитуваат дома, пред евентуално да одлучат да ги заштитат во Стразбур, што е сосема независен правен процес. Значи, со уставна жалба граѓаните на РМ нема да можат да ги заштитат сите права и слободи кои можат да ги заштитат во Стразбур, согласно Европската конвенција. И второ, РМ е должна да ги почитува одлуките на Судот во Стразбур независно од тоа како одлучил нашиот Уставен суд, што е различно од ситуацијата во односот Уставен суд-право на ЕУ-Суд на правдата на ЕУ, каде постојат можности уставните судови да останат „ексклузивни“ заштитници на правата и слободите на сопствените граѓани, кога тие ќе оценат дека националниот Устав дава поголем степен на заштита од правото на ЕУ. Мора да се напомене дека во последно време и најтврдокорните уставни судови на земјите-членки на Унијата, како Германија, Италија, Полска, Шпанија, Латвија, Чешка и слично, ја омекнуваат тврдата позиција и почнуваат да ги прифаќаат одлуките на Судот на правдата на ЕУ како повисока гаранција за заштита на правата на нивните граѓани од онаа што тие ја нудат.                   

ПРЕС24: Втора покарактеристична измена е дефинирање на бракот. Една таква иницијатива минатата година не помина. Хрватска имаше референдум за тоа прашање. Точно е дека во многу европски држави има вакви регулации, но прашањето е има ли потреба од таква заштита кога кај нас со закон е дефининирано што е брак и кој може да стапи во него?

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Според мене нема ништо лошо, ниту спорно бракот како заедница меѓу еден маж и една жена да биде уставна формулација. Тоа, како што изнесовте и вие, не е непозната практика во европските устави. Но, она што треба да се направи како дополнителна корекција на нашиот Устав, а во насока на целосно елиминирање на евентуалните можности од дискриминација на одредена категорија граѓани во РМ, е членот 9, став 1, да се дополни со сексуалната ориентација, на идентичен начин како што е тоа предвидено во Европската конвенција. Значи, членот 9, став 1 да гласи „Граѓаните на РМ се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, и сексуалната ориентација“.      

05.07.2014 - 11:52
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега