Семинар за наводите за повреди на човекови права
„Јакнење на координацијата во борбата против неказнивоста во врска со наводите за повреди на човековите права и несоодветното полициско постапување“ е темата на семинарот што ќе се одржи денеска во Струмица. Семинарот го организира Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
На семинарот ќе биде презентирана праксата на Европскиот суд за човекови права, европските стандарди и најдобрите практики за сузбивање на неказнивоста во врска со наводите за повредите на човековите права и несоодветното полициско постапување.
Свое обраќање на отворањето на семинарот ќе имаат помошник-министерот и раководител на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, Анета Станчевска и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска.
Предавачи на семинарот ќе бидат судијата на ЕСЧП од Австрија, Елизабет Штајнер, инспекторот од Кривично-правниот инспекторат на Северна Ирска, Вилијам Присли, претседателката на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова, судијата на ЕСЧП од Македонија, Мирјана Лазарова-Трајковска, заменик народниот правобранител, Славчо Тимов, извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска и членот на Европскиот комитет за превенција на тортура, Ивона Тодорoва.
Семинарот е организиран во соработка и со финансиска поддршка на проектот – заедничка програма на ЕУ и Советот на Европа за „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа