НБ: Станбените кредити во 2021 пораснаа за 14% (ФОТО)
Обемот на трансакции со недвижности во 2021 година значително го надмина претпандемичното ниво, а растот на цените на становите забрза и е над долгорочниот просек и долгорочниот тренд. Цените на становите во текот на 2021 година пораснаа за 6,1%, при што растот е позначителен од второто полугодие на годината. Стапката на раст на цената на становите во домашната економија е малку пониска од просекот за Европската Унија којшто изнесува 8,3%, информираат од Народна банка во соопштение испратено до медиумите.
„Растот на цените на становите во еден дел е одраз на факторите на страната на понудата, како што се зголемените трошоци на градежните материјали и ефектите од пандемијата врз понудата на станови во претходната година. Имено, поради пандемијата беа одложени дел од градежните работи, па се намали понудата на завршени станови во 2020 година, којашто веќе во 2021 година бележи раст. Значителен раст бележи и бројот на издадени одобренија за градење, што упатува на натамошен раст на понудата и во следниот период, во услови кога бројот на непродадени станови исто така расте.
И во 2021 година, се бележи солиден раст на станбените кредити, како еден од изворите за финансирање на трансакциите со недвижности, што придонесува за одржување на побарувачката на овој пазарен сегмент. Станбените кредити во текот на 2021 година пораснаа за околу 14% во просек. Поволните услови на финансирање при ниски каматни стапки, како и пониската ризичност на станбените кредити (коишто се со најниска стапка на нефункционални кредити од 0,6%) се фактори што придонесуваат за раст на станбеното кредитирање на домаќинствата.
Движењата на пазарот на недвижности засега не упатуваат на сериозно зголемување на ризиците за финансиската стабилност поврзани со овој сегмент, но потребно е внимателно следење. Сепак, војната во Украина и неизвесноста што ја носи за домашната економска активност и инфлацијата се фактори на ризик што може да влијаат врз пазарот на недвижности во следниот период. Народната банка и во следниот период будно ќе ги следи состојбите на пазарот на недвижности и ризиците поврзани со него, а подготвена е и за натамошно преземање соодветни макропрудентни мерки, доколку се оцени дека е потребно за зачувување на финансиската стабилност“, се наведува во нивното соопштение.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа