Народната банка ја зголеми каматата - целта е да поскапат кредитите

 

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка донесе одлука каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 3%, а понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари.

Одлучено е да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, за по 0,5 п.п., на нивоата од 0,90% и 0,95%, соодветно. При носењето на одлуката беа земени предвид движењата кај инфлацијата, којашто и во август се зголемуваше, но поумерено. Овие измени би придонесле за натамошно поттикнување на штедењето во домашна валута, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките во корист на понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи. Со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во поставеноста на ЕЦБ. Домашниот девизен пазар бележи стабилизација и во изминатиот период, при умерени притисоци од енергетската криза и прилив на девизи на менувачкиот пазар којшто е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка и натаму откупува девизи што придонесе за натамошен раст на девизните резерви.

Девизните резерви и натаму се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. Од јули наваму, девизните резерви бележат постојан раст, главно поради интервенциите на Народната банка на девизниот пазар коишто се во исклучително висок износ од 183 милиони евра, за овој период. Ваквата позиција на Народната банка придонесе за дополнителен раст на нивото на девизните резерви, којшто е над проекциите за овој период од годината, се наведува во соопштението од НБ.

Во однос на активноста во домашната економија, во вториот квартал од 2022 година БДП оствари реален раст од 2,8% на годишна основа, што е целосно во согласност со очекувањата според последните проекции, односно според априлските проекции Народната банка очекуваше раст од 2,8%. Збирно, за првото полугодие остварувањата се малку подобри од проекциите на Народната банка. Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал се ограничени, но поради постојаните надолни ревизии на странската побарувачка предизвикани од воениот конфликт во Украина и сè подлабоката енергетска криза, се зголемуваат надолните ризици за растот во следниот период.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, согласно со последните податоци кредитната активност и натаму е солидна и над проекциите, а се бележи раст и на вкупните депозити, но поумерено од очекувањата.

Во август, во центарот на вниманието на меѓународните финансиски пазари беа очекувањата на инвеститорите за понатамошно затегнување на монетарната политика од страна на најголемите централни банки. Притоа, се засилија очекувањата дека ЕЦБ ќе ги зголеми референтните каматни стапки за 75 базични поени, што се оствари на состанокот на почетокот на септември. Во такви околности, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната забележаа пад, односно нивните приноси се зголемија. Во истиот период, вредноста на САД-доларот во однос на еврото и натаму се зголемува.

 Општо земено,ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се поврзани претежно со надворешното окружување. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, а пред сè врз снабдувањето со енергија во рамките на Европа. Не треба да се занемарат неизвесноста и ризиците од пандемијата на ковид-19, којашто сѐ уште не е завршена. Во вакви услови неопходно е водење претпазливи домашни политики.

Народната банка нагласува внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и ќе продолжи со користењето на сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност

14.09.2022 - 12:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега