Најследениот јутјубер во светот ја одбил поканата да патува со подморницата „Титан“
Американската јутјуб-ѕвезда и инфлуенсер Џими Доналдсон, попознат како MrBeast (Мистер Бист), откри дека бил поканет да се придружи на патувањето со „Титан“, во кое пет патници загинаа во катастрофална имплозија, но тој ја одбил понудата.
Јутјуберот со најмногу следачи на оваа платформа се огласи на „Твитер“ во неделата за да информира дека требало да учествува во експедицијата до потонатиот брод „Титаник“.
„Бев поканет на почетокот на овој месец да се прошетам со подморницата „Титан“, одбив. Малку е страшно да се помисли дека можев да бидам во неа“, твитна Мистер Бист и сподели скриншот од пораката.
„Одам до ‘Титаник’ подоцна овој месец. Екипажот би сакал да дојдеш со нас“, гласеше дел од пораката што ја покажа. Мистер Бист го објави овој твит кратко откако друг јутјубер, Скуба Џејк, објави видео од неговата неуспешна експедиција до „Титаник“ во истата подморница, само неколку недели пред трагедијата.
MrBeast, чие вистинско име е Џими Доналдсон, има над 160 милиони претплатници на „Јутјуб“.
Основачот и извршен директор на „Оушн гејт“, Стоктон Раш, загина во експлозијата на подморницата заедно со познатиот британско-пакистански бизнисмен Шахзад Давуд и неговиот син Сулеман Давуд, британскиот милијардер, авантуристот Хамиш Хардинг, и францускиот експерт за „Титаник“, Пол-Анри Наргеолет.
Патниците на подморницата, која исчезна во Атлантскиот Океан кај Канада, наводно ѝ платиле по 250.000 долари на компанијата „Оушн гејт“ за да го видат озлогласениот бродолом.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа