МЖСПП: Завршуваме со чистењето на линданот од Охис со УНИДО, продолжуваме со УНОПС
Mинистерството за животна средина и просторно планирање и Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи денеска го одржаа завршниот настан од проектот
„Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на активности за чистење на локациите контаминирани со изомери на линданот во ОХИС“, што е имплементиран преку UNIDO како имплементациона агенција, во соработка со проектната канцеларија за перзистентни органски загадувачи (POPs) при Министерството за животна средина и просторно планирање, а е финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF).
Mинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, во своето воведно обраќање на настанот истакна дека од клучно значење за успешната реализација на проектот беше соработката на Владата на РСМ со сите релевантни чинители во земјава во сите фази на проектот. Имајќи го предвид мултисекторскиот аспект на овој проект, за самата реализација Министерството, преку Канцеларијата за POPs, ја обезбеди потребната поддршка на повеќе нивоа од многу институции во државата од областите здравство, економија, финансии, локалната самоуправа, царина, транспорт и врски, како и поддршката од научната и стручната јавност, индустријата, невладиниот сектор, медиумите.
- Беа потребни повеќе од 15 години за да се создадат услови за спроведување на еден ваков специфичен проект, во кој се работи со високо токсичен материјал складиран во близина на урбана средина. Сепак, задоволство ми е да потврдам и дека во рамките на овој проект успеавме да ги исполниме сите планирани цели и задачи, како и одржливост на активностите за понатамошното чистење на останатиот дел од малата депонија, со мобилизирање на средства и од други извори на финансирање – рече Нуредини.
Имплементацијата на проектот започна во 2015 година, а во текот на седумгодишниот период реализирани беа неговите главни зацртани цели: воспоставување правна рамка, подобрување на политиките и зајакнување на институционалните и технички капацитети за управување со контаминираните локации, како и воспоставување на финансиски и технички одржлив механизам за обезбедување на средства за продолжување на активностите до конечна ремедијација на контаминираната локација на HCH и други загадувачи во кругот на ОХИС.
Завршна фаза на целиот процес беше транспортирањето на отпадот и негово конечно отстранување од Македонија, преку соседна Република Грција до Франција и Холандија, каде се спроведе дополнително согорување или ремедијација на отпадните материи и почва. Но, чистењето на линданот и неговите изомери од малата депонија во Охис продолжува, при што имплементациона единица ќе биде УНОПС, а средстава се обезбедени преку Мултипартнерскиот Фонд за животна средина, специјално наменет за чистењето во ОХИС, во кој несебично контрибуираа Кралството Норвешка и Владата на РСМ, но и самото Министерство од сопствениот буџет, а финансиска поддршка даде и Европската делегација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа