МВР потврди: Неуспешен обид за киднапирање на две деца во Карбинци

 

Неуспешен обид за киднапирање на две деца се случил изутрината во Карбинци. Случајот за Прес24 го потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи каде пристигнала пријава нешто пред 10 часот изутрината.

-Денеска во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор  со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот, велат од МВР за Прес24.

Според досегашните информации, грабнувачите возилото го паркирале на самиот влез на училиштето „Страшо Пинџур“. Градоначалникот на општината, Виктор Паунов во изјава за медиумите рече безбедносните камери кои се поставени во училишниот објект го фатиле возилото „голф“.

-Иако било подалеку од доменот на камерот, меѓутоа е веќе фатено на камерите. Се работи на расчистување, вели Паунов.

Тој испрати и апел до родителите да не се вознемируваат, но го повика и МВР да ја зголеми безбедности во општината.

-Не сме имале досега вакви случувања, но апелирам полицијата најсериозно да ја сфати оваа работа, да не се случи во иднина да имаме посериозни последици. Се надевам дека ова ќе заврши, а контролата од страна на полицијата ќе биде зголемена, вели Паунов.

05.12.2023 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега