Муцунски: Веруваме во ЕУ, време е зборовите да станат дела
Министерот Муцунски се обрати на 23-от Мешовит парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево се обрати на 23-от Мешовит парламентарен комитет меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, кој денес се одржа во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Муцунски го истакна значењето на ова меѓупарламентарно тело како континуиран, посветен и силен поддржувач на евроинтегративните процеси на државата, кое дополнително придонесува кон развојот на соработката меѓу Собранието и Европскиот парламент.
Министерот нагласи дека оваа година означува две децении од добивањето на статусот кандидат за членство во Европската Унија и изрази очекување дека Унијата ќе делува одлучно во насока на поголема предвидливост и конкретно придвижување на пристапниот процес.
„Дваесет години на реформи, компромиси – често тешки и болни, но секогаш водени од визијата за европска иднина. Македонските граѓани останаа посветени на европските вредности, и покрај предизвиците и разочарувањата на овој долг пат. Денес, повеќе од кога било, потребни се јасност, предвидливост и решителност во нашиот интегративен процес. Европа не смее да ја изгуби довербата на граѓаните кои две децении веруваат во европскиот проект.“, истакна министерот Муцунски.
Во своето излагање, министерот ја потврди целосната посветеност на Владата на процесот на европска интеграција, со засилен фокус на имплементацијата на клучните реформи. Тој посебно се осврна на напредокот во усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како потврда за приврзаноста на Северна Македонија кон принципите на мир, стабилност и демократски вредности.
„Во надворешната политика остануваме доследен партнер на ЕУ, со целосно усогласена Заедничка надворешна и безбедносна политика. Нашата поддршка за Украина, учеството во санкциските режими и активната улога како НАТО-членка покажуваат дека не сме само набљудувач, туку чинител во градењето на европската безбедност. Како прва земја од регионот, потпишавме Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ – нова сеопфатна рамка за продлабочена соработка во оваа област.“
Во обраќањето пред комитетот тој ги истакна и добрососедските односи и регионалната соработка, при што потенцираше дека Северна Македонија останува пример во регионот за градење на стабилни партнерства со соседите, со подготвеност за дијалог и заеднички решенија.
На крајот, министерот Муцунски ја изрази благодарноста за досегашната поддршка на Европскиот парламент и повика на уште поголема активност во следните години со цел конкретни и одлучни чекори кон европската иднина на Северна Македонија.
„Дваесет години сме кандидат за членство во ЕУ. Чекориме по пат што постојано се менува, станува потежок и помалку предвидлив. Но, ние не се откажуваме. Веруваме во Европската унија, веруваме во европските вредности и веруваме дека нашето место е во европското семејство. Време е за одлуки, а не за нови одложувања. Време е зборовите да станат дела, а процесот на проширување да стане реалност.“, заклучи министерот Муцунски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа