Муцунски и „Комити“: ФК Вардар добива нов спортски терен во Аеродром
На иницијатива на градоначалникот Тимчо Муцунски и претседателот на Советот на општината Дејан Митески, фудбалскиот клуб Вардар ќе добие нов спортски терен во Аеродром каде ќе може да ги одржува подготовките, натпреварите и тренинзите.
Градоначалникот Тимчо Муцунски на својата фејсбук страна информираше дека утрово одржал средба со навивачката група „Комити“, која од неодамна е и сопственик на клубот, a притоа потенцираше дека на истата се разговарало за иницијатива поврзана со спортскиот терен лоциран во непосредна близина на СЦ „Јане Сандански“.
„ФК Вардар е име кои има долга традиција, гордост на Македонија и македонскиот спорт, а ние на ваков начин даваме силна и недвосмислена поддршка за клубот. Oчекувам по завршување на соодветната законска постапка, овој спортски терен да биде ставен на располагање за потребите на навивачите и клубот. Да го поддржуваме македонскиот спорт и да се радуваме на нови успеси!“, напиша Муцунски во својата објава.
03.05.2023 - 13:52
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа