Министерство за правда: Тупанчески не е министер од 13 февруари, барањето за еврообврзницата е стигнато на 15 февруари

 

Во врска со непотпишувањето на правно мислење за еврообрзницата од страна на поранешниот министер за правда Никола Тупанчески, ресорното Министерството денеска појасни дека неговата оставка од страна на Собранието е констатирана на 13 февруари и согласно тоа тој нема право да стави потпис. Барањето за мислење од Министерството за финансии, како што информираа од Министерството за правда, е пристигнато на 15 февруари. 

- Министерот за правда Никола Тупанчески до Владата поднесе оставка од функцијата на 10.02.2023 година. Собранието ја констатираше оставката и престанокот на функцијата министер за правда на седница на 13.02.2023 година. Од 14.02.2023 година, Никола Тупанчески е во работен однос на Правниот факултет „Јустинијан Први”. Барањето од Министерството за финансии за потпишување на правно мислење за еврообврзницата е примено во Министерството за правда на 15.02.2023 година. Со оглед на тоа што Тупанчески не е министер за правда од 13 февруари, тој нема право да стави потпис како министер, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Министерството за финансии вчера информираше дека постапката за издавањето на еврообврзницата ќе биде завршена по назначувањето на новиот министер за правда. 

- Целосната постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури, кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда. Веднаш по изборот на новиот министер за правда ќе се одржи нова аукција. За ова банките-агенти што посредуваа при издавањето на еврообврзницата ќе ги информираат инвеститорите, кои при минатата аукција имаа 2,5 пати поголем интерес во однос на понудената сума, како резултат на довербата во добрите економски политики, наведе Министерството за финансии во вчерашното соопштение.

Неиздавањето на еврообврзницата со која главно требаше да се покријат стари долгови кои доспеваат годинава, според премиерот Димитар Ковачевски, нема да влијае врз кредитниот рејтинг на државата. 

- До изборот на новиот министер, не сакавме да правиме прекршување на постапката. Вчера инвеститорската јавност беше информирана. Постапката ќе биде повторена и успешна штом ќе биде завршена реконструкцијата на Владата, изјави денеска Ковачевски. 

16.02.2023 - 14:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега