Министерката Димитриеска-Кочоска обезбеди 80 милиони долари за енергетски проекти

 


Меѓународната финансиска корпорација при Светската банка – ИФЦ изразува интерес за проширување на својата активност во земјава, особено во областа на енергетиката и енергетската транзиција. Ова беше споделено на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со регионалниот заменик-претседател на ИФЦ Алфонсо Гарсија Мора во Вашингтон.

„Инвестициите во енергетскиот сектор и транзицијата од фосилни горива кон чиста енергија се неопходни процеси кои бараат итна реакција на глобално ниво. Македонија како земја е дел од овие процеси и приоритет се инвестиции во енергетиката и премин кон користење обновливи извори на енергија. Тоа бара големи инвестиции за што е потребна поддршка од меѓународни кредитори и фондови, а со особен фокус на приватниот сектор“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

На средбата беше изразен интерес од страна на ИФЦ за натамошно финансирање проекти поврзани со енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, како што се централи за производство на соларна енергија, потоа проекти за декарбонизација и сл.

Во тие рамки преку Климатскиот инвестициски фонд (CIF) на земјата ѝ стојат на располагање 80 милиони американски долари, па во таа насока е развиен Инвестициски план со цел забрзување на транзицијата од јаглен кон обновливи извори на енергија.

Покрај поддршката во јавниот сектор, ИФЦ изразија интерес и за соработка со приватниот сектор и за привлекување странски директни инвестиции, а сѐ со цел да се обезбеди позитивно влијание врз економскиот раст и развој на земјата.

Средбата со ИФЦ се одржа во рамки на посетата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во САД, каде што учествува на Годишните средби на ММФ и СБ.

24.10.2024 - 16:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега