Минчев: Потребни се реформи во јавната администрација
Министерот за јавна администрација Горан Минчев вели дека продолжува со иницијативата за реформските процеси за изградба на поефикасна, транспарентна, квалитетна и професионална јавна администрација. Тој се осврна и на клучните проблеми во јавната администрација што ја прават неефикасна и предизвикуваат незадоволство кај граѓаните кои се корисници на овие услуги.
„Министерството за јавна администрација имаме еден извештај кој се однесува на периодот од 2016 до 2023 година. Во 2016 година ние сме имале околу 1.290 институции, а околу 129.000 вработени во јавниот сектор. Седум години подоцна имаме 1.370 институции, а околу 128.000 вработени во јавниот сектор. Тоа значи дека имаме 80 нови јавни институции, а 1.000 вработени во јавниот сектор помалку, што значи горе-долу бројката во овие 7 години е избалансирана. Клучниот проблем во јавниот сектор и во јавната администрација е недоволната компетентност, недоволната стручност, непрофесионализмот и незнаењето коишто не можат да даваат квалитетни услуги на граѓаните, а тоа е производ, не сакам да кажам дека тоа е од минатата влада туку 30 години наназад е резултат на партиските вработувања, на непотизмот, на етничките вработувања во смисла на злоупотреба на балансерот итн и тоа сакаме да го смениме“ рече министерот Минчев.
Негов личен став е дека јавната администрација треба да биде професионална, добро средена, намалена по број и која што ќе пружа сериозно квалитетни услуги на граѓаните. Според министерот, станува збор за процес којшто трае и бара сериозен пристап и во дебатите за трите закони од оваа сфера важно е да се слушне и гласот на граѓаните. Отпушањето на вработените во јавната администрација сега засега не е опција, туку ќе се работи на нивна реедукација. Процесот е веќе започнат во Министерството за јавна администрација каде околу 50 проценти се вишок, но може да изберат што ќе работат според нивните компетенции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа