Милошоски: Присуството на Мицкоски на инаугурацијата на Трамп ќе го зајакне партнерството со САД
Потпретседателот на македонското Собрание и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, се огласи на социјалната мрежа Фејсбук по повод присуството на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон на инаугурацијата на Доналд Трамп.
- Денес за време на инаугурација на 47-от претседател на САД за првпат премиер на владата на Македонија е поканет и ќе присуствува на овој настан во Вашингтон, кој е главна тема на меѓународната политичка сцена. Ова е исклучително добра вест за нашата држава и успех за македонската дипломатија, пишува Милошоски.
Тој додава дека склученото стратешко партнерство од 2008ма година, во комбинација со личните познанства меѓу премиерот Мицкоски и неколку членови на владата со дел од блиските соработници на претседателот Трамп, претставува солидна основа за продлабочување на македонско-американските односи, особено во областа на економијата, безбедноста, енергетиката и подобро усогласување на дипломатските активности во области од заеднички интерес.
- Во овој динамичен свет кој многу брзо се менува, добро е што преку премиерот, Македонија е присутна во Вашингтон и го зајакнува партнерство и довербата со САД, земјата која има најголем потенцијал во обликувањето на меѓународната политика, напиша Милошоски на Фејсбук.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа