Мицкоски: Оваа генерација има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни


Премиерот на Република Северна Македонија упати честитка по повод 8 Септември, празникот на независност на Македонија.

Денес се одбележува најголемиот светилник на постоењето на македонската држава, финалниот чин по повеќестолетната борба за слобода и независност или што би се рекло денот над деновите - 8 Септември, празникот на нашата независност, напиша Мицкоски.

 
„На овој ден за прв пат се слушнаа зборовите "Да ви ја честитам суверена и слободна Република Македонија" на плоштадот Македонија каде се прославуваше независноста. Воедно да не заборавиме дека 8 септември е стремежот на илјадници претходно борци за слободна и своја држава.
Тогаш се градеа темелите на Републиката и создаваа институции, но и денес имаме битки кои мора да ги победиме, заеднички, поинакви, иако поинакви сепак подеднакво важни“, посочи Мицкоски..
 
Премиерот потенцираше дека мора да се победи разочарувањето кое ни го оставија и криминалот и корупцијата кои денес се најважните проблеми против кои се бориме. Секој атом од силите да го вложиме во градба на иднина каква заслужува секој еден човек. Овој пат државата е на потег и нејзе ја враќаме на народот
 
„Да создадеме земја на среќни граѓани и силна економија. Општество кое ќе одговара на реалните потреби и ќе нуди реални решенија. Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина.
 
Оваа генерација има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни. Ова е нашата заедничка битка и заедно се бориме и заедно ќе успееме!
 
Нека е честит и вековит денот на независноста.
 
Бог да ја благослови Македонија!“, рече Мицкоски.
08.09.2024 - 10:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега