МФ: Направена заштеда на електрична енергија од 32 отсто

 

Министерството за финансии (МФ) со рационално користење на енергијата, согласно задолженијата дадени од Владата за заштеда на електрична енергија, во септември 2022 година направи заштеди од 32 отсто на потрошувачката во споредба со потрошената електрична енергија во септември 2021 година.

-Заштедата, не значи само финансиски бенефит, во период кога се соочуваме со недостаток на енергенси на глобално ниво, а особено на европското тло, тоа е придонес кон безбедно и сигурно снабдување со електрична енергија. Тоа ќе овозможи периодот што ни претстои и кога има зголемена потрошувачка на електрична енергија, заради затоплување, да го поминеме во топли простории и да не се соочиме со рестрикции, велат од МФ.

Нагласуваат дека секој може да даде придонес кон стабилноста со снабдување со електрична енергија и дека тоа директно зависи и од нашите поединечни однесувања.

-Затоа Министерството за финансии, како и останатите институции, спроведе мерки што не го нарушуваат процесот на работа и безбедните услови за работа, а при тоа се обезбеди заштеда од 32 отсто. За тоа имаат придонес и вработените со своето одговорно однесување. Рационалното користење на електричната енергија преку воведените мерки што се покажаа како соодветни за нашата институција ќе продолжат да се применуваат и во наредните месеци, посочуваат од МФ.

Малата промена на навиките, велат, значи многу во оваа криза, а да се задржи комфорната зона за сите.

-Изгаснете ги сијалиците кога за тоа нема потреба, тоа ние го направивме во септември, искористете ја дневната светлина, тоа штеди и на осветлување и на загревање на просторијата, компјутерот исклучете го кога не ви треба, тоа исто го направија нашите вработени. Во ходниците светлата се вклучуваат на сензор и се осветлени само кога е тоа неопходно. Тоа се мерките што не донесоа до 32 отсто пониска потрошувачка. Да продолжиме и да се обидеме сите да дадеме придонес кон надминување на оваа криза со најмалку последици за сите нас. Електричната енергија е добро што на сите ни е потребно, порачуваат од Министерството за финансии. 

27.10.2022 - 10:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега