Мерко и денеска на судење - Вчера сведоците тврдеа дека Аудито било набавено законски

 

Во Основниот суд во Струга денеска треба да продолжат судските процеси против градоначалникот Рамис Мерко за незаконско поставување директори во основни училишта во Општина Струга.

Во еден предмет се споени училиштата во Лабуништа, Радолишта, Подгорци, додека за училиштето во Велешта и за „Браќа Миладиновци“ во Струга се водат два одвоени предмети.

За случајот со училиштето „Зини Хани“ во Велешта, покрај Мерко уште четири лица се обвинети за злоупотреба на службата и фалсификување. Според обвинението, покрај незаконското поставување на Егзона Шеј за директор, таа се товари и за фалсификување дипломи.

За предметот за ОУ „Браќа Миладиновци“ Мерко се товари за незаконско поставување на Албана Жута за в.д. директор и директор на училиштето иако не исполнувала услови, односно не била назначена од редот на вработените, немала положен испит за директор и соодветен сертификат за познавање англиски јазик.

Сведоците во овие случаи, кои поради, според судечкиот судија Јордан Јованов, неоправдани причини не се појавиле на претходните судења денеска треба да бидат спроведени со полициска асистенција.

Против Мерко вчера се одржаа два судски процеси, за набавката на автомобил „Ауди А6“ за потребите на Општината и за незаконско поставување спомен обележје - плоча на општинската зграда. Тој е и на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено повеќе (девет) обвиненија за несовесно работење во службата. 

10.04.2025 - 08:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега