Меџити без коментар за пресудата за модуларната болница

 

Министерот за здравство Фатмир Меџити не сакаше да ја коментира пресудата за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, а 12 беа повредени, но истакнува дека се преземаат мерки да не се повторат такви случаи во иднина. 

– Нема да коментирам одлуки од судски процес, ниту тоа што било во Обвинителство. И јас како вас жалам и изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите, многу жалам за овој настан и затоа се стремиме овие настани да се минимизираат и да не се случуваат во иднина. Од првиот ден заедно со тимот презедов мерки за сите проблематични и модуларни болници и проблемите со клиниките што не се довршени – Клиничка болница Штип, реновирање во Битола, тоа што не се гради во Кичево 30 години,.. За сите работи сме презеле мерки и сакаме законски да се расчистат за да можеме што побрзо во најкраток можен рок да доградиме. Пациентите ни се пред се, изјави Меџити на новинарско прашање по посетата на Клиниката за ендокринологија.

Тетовскиот суд вчера изрече условна пресуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ за пожарот во Модуларната болница во Тетово. Ослободителна пресуда беше донесена за докторот Бобан Вучевски кој се товареше за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Осудените добија казна една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не го повторат делото. Заедно со Вучевски и Клиничка болница е ослободена за делото „непостапување по здравствени прописи". На Клиничката болница и е изречена парична казна од еден милион денари. Пожарот се случи на 8 септември 2021 година околу 21 часот во монтажниот објект од модуларна болница.

06.06.2023 - 12:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега