Манасиевски: Филипче беше фатен жив во шема за земање провизија за вакцини за КОВИД во аферата Стабри

 


Венко Филипче беше фатен жив во шема за земање провизии за вакцини за „Ковид“ во аферата Стабри, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка, побара Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Венко Филипче сакаше да набави кинески вакцини против „Ковид“ во ек на кризата преку фирма регистрирана за тргување со банани и јужно овошје. Оваа фирма со име „Стабри“, е формирана само 3 месеци откако СДС дошле на власт во 2017 година. Коинциденција или не?
Филипче како министер сакаше да ги купи вакцините преку „Стабри“, по цена од 62 долари, во услови кога другите држави ги купуваа по најмногу 30 долари. 200.000 вакцини кои Филипче сакаше да ги набави, ќе беа платени 6 милиони долари поскапо“.

Според него, за тоа каде требаше да завршат овие 6 милиони долари, Филипче и ден денес молчи.

Овој сериозен криминал во обид како што оценува, беше спречен единствено со огромниот медиумски притисок и притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и јавноста.

За Манасиевски, тоа што „овој криминал во обид беше спречен, не е олеснителна околност за Филипче како политичар, кој мора да одговори:
Каде требало да завршат 6 милиони долари од набавката на вакцините? Дали фирмата Стабри има врски со СДС и него лично, со оглед на тоа дека е формирана само 3 месеци, откако тие дошле на власт?“

Оваа афера, истакнува тој, покажува дека Венко Филипче нема кредибилитет. Додава дека ова е доказ за што се бори Филипче и зошто е во политиката.

Филипче, оценува тој, се надева на власт и на можност повторно да прави вакви шеми.

„Венко Филипче е без кредибилитет и прочитан од народот. Венко Филипче веднаш да си поднесе оставка“, бара Манасиевски.

10.04.2025 - 12:43

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега