Македонските Бугари од Уставниот суд бараат да го прогласи неуставен Законот за здруженија

 

Здружението за македонско-бугарско пријателство од Скопје вчера поднесе претставка до Уставниот суд со барање да се прогласи за неуставен Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации што беше усвоен минатиот месец во македонското Собрание, објави БГНЕС.

Со измените на двата закони се предвидува отфрлање на фашизмот, нацизмот и национал-социјализмот во сите општествени форми на здружување. Со усвоените измени, сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени.

Со усвоените измени и дополнувања, во Законот за здруженија и фондации членот 4, став 2 се менува и гласи „Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица”.

„Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по кој било основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх“, стои во новиот став во членот 8 од Законот.

Од Здружението за македонско-бугарско пријателство сметаат дека вакците промени имаат спротивен ефект и создаваат правна несигурност, што е спротивно на уставното начело за право и забрана за ретроактивно дејство на законите. Оттаму уште додаваат дека со овој закон с еограничува правото на граѓаните да се здружуваат, право што го гарантира Уставот, па истиот не би бил од корист за граѓаните.

Измените на Законот беа усвоени во македонското Собрание на 2 ноември.

07.12.2022 - 13:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега