Македонскиот филм „Преекспонирано“ ќе се натпреварува на филмски фестивал во Катанија, Италија
Македонскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова ќе се натпреварува во официјалната главна селекција на фестивалот „Кинест фест 2023“, кој ќе се одржи во Катанија, Италија.
Ова е трето издание на фестивалот, кој е фокусиран на кинематографијата на Источна и Централна Европа, а ќе трае од 5 април до 30 мај. Фестивалот, освен филмски премиери, одржува и многубројни специјални настани, работилници, настапи во живо, ретроспективи и мастер-класи посветени токму на кинематографијата од нашиот регион.
Премиерата на „Преекспонирано“ на овој фестивал ќе се одржи на 7 и 8 мај, а режисерката Елеонора Венинова ќе одржи и работилница.
Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ беше на А-фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија, од 2 до 9 февруари оваа година. Во тек се интензивни подготовки и за премиера пред домашната публика.
Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов, кинематографер: Лев Предан Коварски, музика: Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ, сценарио: Елеонора Венинов, монтажер: Гоце Кралевски, костими: Жаклина Крстевска, монтажер за звук: Дарко Спасовски, режија: Елеонора Венинова, продуцент: Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), копродуцент: Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, Српскиот филмски центар и од „Еуримаж“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа