Македонија и Хрватска зајакнуваат соработка во образованието: Фокус на стручното образование и дигитализацијата

 


Преку размена на позитивни практики и искуства, Македонија и Хрватска ќе ја зајакнуваат образовната соработка и ќе унапредуваат повеќе аспекти на националните воспитно – образовни системи. Особено внимание ќе се посвети на стручното образование и обуката, ќе се работи на поврзување и развој на регионалните центри кои промовираат и реализираат ваков вид на образование и на основање образовни центри за извонредност.

За ова денеска се дискутираше на состанок во хрватското Министерство за наука, образование и млади, каде во работна посета е делегација од Македонија, составена од претставници на повеќе образовни институции и на УНДП, а предводена од државниот секретар во МОН, Елена Ивановска.

Целта е да се формализира соработката предвидена во билатералната програма која министрите за образование на двете земји ја потпишаа во август годинава, со важност до 2028. Двете страни ќе основаат заедничка комисија која периодично ќе се состанува и ќе развива и реализира иницијативи од интерес на државите. Покрај средното стручно образование, акцент ќе биде ставен на процесот на дигитализација и воведување вештачка интелигенција во наставните програми.

Предвидена е соработка и во областа на предучилишното, како и во основното образование, особено во делот на поедноставување на постапките за изработка на учебници и наставни материјали.

Хрватската страна беше претставувана од државниот секретар за наука, образование и млади Зринка Мужиниќ Бикиќ, директорката на Управата за воспитување и образование Весна Шерепац и раководители на повеќе сектори во двете институции.

02.12.2024 - 21:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега