Љутков: Отвораме ново поглавје во развојот на македонско-унгарските културни врски
Денеска во Охрид остварив билатерална средба со унгарскиот колега, министерот за култура и иновации Балаж Ханко, кој е дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата на Република Унгарија, Виктор Орбан, која е во дводневна посета на нашата земја, објави Зоран Љутков, Министер за култура и туризам.
Оваа посета и денешната средба се уште еден значаен чекор во развојот на билатералните односи меѓу двете земји, особено за македонско-унгарска соработка во областа на културата и туризмот преку конкретни активности.
Македонија и Унгарија во наредниот период ќе отворат ново поглавје во развојот на културните врски меѓу двете држави и ќе настојуваме тоа да резултира со низа проекти и иницијативи. Ќе работиме на обновување и унапредување на соработката во областа на културата, преку програма меѓу надлежните државни органи, но и на документ за регулирање на соработката во областа на туризмот меѓу институциите од оваа сфера од двете држави.
Заеднички ќе се заложиме за културното наследство и актуелното творештво на двете држави да бидат повидливи пред јавноста, за што во наредниот период ќе се организираат денови на македонската и на унгарската култура. За таа цел ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка, со што ќе се овозможи континуирана промоција и претставување на културните институции во двете држави.
Министерот Ханко ги сподели и унгарските искуства од реализацијата на манифестацијата „Веспрем – европска престолнина на културата за 2023 година“, и ја актуелизиравме темата за интензивирање на соработката меѓу двете канцеларии на програмата „Креативна Европа“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа