Левица: Јаневска нема решение за превозот на студентите

 


Превозот на студентите кои студираат во градови надвор од нивното место на живеење, никогаш не бил поголем проблем. Кризата ја продлабочува фактот што оваа година два од четирите студентски дома во Скопје се затворени, а кириите се рекордно високи, па се повеќе студенти се принудени секојдневно да патуваат до својот факултет, велат од Левица.

„Патувањето до друг град на дневно ниво никогаш не било поскапо, па голем број од студентите не можат да си дозволат да ги посетуваат своите факултети со што им е ускратено нивното право на образование и им е оневозможено да студираат.

Во текот на минатата академска година владата воведе мерка со која студентите кои студираат во градови надвор од своето место на живеење, добиваа субвенции од 600 до 1200 денари месечно. Таа мерка се покажа како популистичка и недоволна, а не трајно системско решение кое ќе го реши овој проблем.

МОН предводено од министерката Јаневска, наместо да пронајдат системско решение за овој проблем, се одлучија да ги укинат и минималните субвенции кои студентите до сега ги добиваа. Тоа можеме да го заклучиме поради тоа што иако академската година е веќе започната, МОН нема објавено конкурс за субвенциониран студентски превоз, ниту пак има најава дека ќе се случи такво нешто.

Ваквиот однос на МОН кон студентите покажува дека студентите не се приоритет за актуелната влада, и дека владата продолжува да го уништува студентскиот стандард, и да го прави образованието се поскапо и помалку достапно.

Црвена Младина бара од МОН и од министерката Јаневска да ја сфатат алармантноста на состојбата и да пронајдат системско решение кое трајно ќе го реши проблемот со превозот на студентите, и ќе го направи образованието достапно за сите“, стои во соопштението на Левица.

09.10.2024 - 17:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега