Левица: Додека Лимани се луксузира работниците 4 месеци немаат плата

Политичката партија Левица обвини дека вработените во АД Водостопанство немаат земено плата четири месеци, додека директорот Локман Лимани од Алтернатива се луксузира во модерни канцеларии и патувања.

„Во услови на криза и препораки за штедење, директорот ги реновираше просториите за состаноци, а својата канцеларија освен што ја реновираше, ја пресели и на Водно. Од друга страна, на работниците освен плата, не им се уплатуваат ниту придонеси, па со тоа го губат правото на бесплатно лекување. Голготата на работниците е доведена до тој степен, што дел од работниците кои имаат потреба од медицински интервенции, го молат директорот да ги одјави, за да се пријават како невработени во Агенцијата и да користат здравствени услуги“, велат од партијата.

Левица обвини дека Владата вештачки ги уништува јавните претпријатија, преку нивните неспособни кадри, заглавени во криминали.

„Дали, по примерот од погубната транзиција, СДС спрема приватизација и на водата во Македонија? Кризата која ја загрози егзистенцијата на мнозинството граѓани не е увезена од надвор - единствен виновник за траорната економска состојба е коалиционото амнестирано мнозинство, предводено од СДС и ДУИ и нивните пајтон партии“, се вели во соопштението.

27.09.2022 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега