Курти: Санкциите од Европската унија му нанесоа штета на Косово
Косовскиот премиер Аљбин Курти денеска потврди дека казнените мерки на ЕУ му нанеле штета на Косово.
Тој во интервју за РТВ Словенија рече дека е точно оти поради овие санкции најмногу се оштетени бизнис заедницата, но и „државните служби на Косово“.
Така одговори на прашањето што е неговиот одговор на критиките дека Косово поради неговата „остра политика на северот на Косово“ ќе загуби и до 500 милиони евра од европските ИПА фондови.
„На пример, Договорот за стабилизација и асоцијација е замрзнат, иако го исполнивме со 69 отсто“, рече тој, додавајќи дека „загрозени се заемите и грантови, како и финансирањето од фондовите на ЕУ“.
„Сето ова е прекинато. Затоа, отстранувањето на овие мерки против Косово би било навистина добредојдена и правична одлука на ЕУ“, оцени Курти.
Тој ја отфрли одговорноста на Косово за влошување на ситуацијата на северот на Косово, бидејќи, како што рече, „ние се бориме против насилните екстремисти кои ги нападнаа војниците на КФОР, косовската полиција и новинарите“ и рече дека владеењето на правото таму мора да функционира.
„Многу е важно да ги имаме и двете: владеење на правото, без насилни екстремисти и безбедност и мир на другата страна“, рече тој.
Тој изјави дека „косовските Срби кои живеат јужно од Ибар се генерално добро интегрирани“ и дека „тие имаат корист од тоа, додека Србите на северот на Косово не живеат толку добро затоа што не се интегрирани“.
Тој го обвини официјален Белград дека прави се за да ја спречи интеграцијата на Србите на северот на Косово.
„Тоа насилство од Белград мора да престане и ни треба помош од меѓународната заедница, особено од ЕУ“, рече Курти.
Тој зборуваше и за изборите во четирите северни општини претежно населени со Срби, што беше една од четирите точки на договорот меѓу Косово и ЕУ за смирување на ситуацијата на северот на Косово.
„Работам напорно и подготвувам се за изборите што ќе се одржат наесен“, рече Курти.
Тој изрази надеж дека Српска листа, најголемата партија на косовските Срби која ја има поддршката од официјален Белград, ќе учествува на изборите и додаде дека „неопходна е помош од меѓународната заедница за да се убедат“.
„Овие општински претседатели се тука затоа што Српската листа ги бојкотираше изборите. Прво ги напуштија институциите, но потоа одбија да учествуваат на изборите за градоначалник“, рече тој и додаде дека се надева дека се предомислиле.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа