Кремљ: Ако Путин се кандидира на избори, очигледно нема да има сериозен ривал

 

 

Доколку претседателот Владимир Путин одлучи да учествува на претседателските избори во 2024 година, никој нема да може да се справи со него, изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.

„Претседателот сè уште не ја објавил својата кандидатура, но ако претпоставиме дека претседателот ќе биде кандидат, очигледно е дека нема да има сериозен ривал“, рече Песков. Путин, истакна Песков, „ужива апсолутна поддршка од населението“.

Путин доминира со Русија две децении, или како претседател или како премиер, наведувајќи ја како свој успех стабилизацијата на огромната руска нација по хаосот што ја зафати земјата како резултат на распадот на СССР во 1991 година. Но, неговата одлука да испрати десетици илјади војници во Украина на 24 февруари 2022 година претставува најголем предизвик за неговото владеење досега.

Овој потег ја предизвика најсериозната конфронтација со Западот од Кубанската криза во 1962 година. Западот ги воведе најстрогите санкции на руската економија од 2,1 трилиона долари вртејќи ја земјата кон Кина. Кинескиот претседател Шји Џјинпинг му рече на Путин во март дека е убеден оти Русите ќе го поддржат шефот на Кремљ на следните претседателски избори.

Анкетите ја покажуваат огромната популарност на Путин, а во август анкета покажа дека актуелниот претседател ужива поддршка од 80 отсто од испитаниците, повеќе отколку пред војната во Украина. Анкетите покажуваат и дека 70 отсто од испитаниците ја поддржуваат руската воена интервенција во Украина. Опозицијата и Западот тврдат дека не треба да им се верува на овие анкети.

11.09.2023 - 16:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега