Ковачевски: Не сме повеќе земја со евтина работна сила

 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска беше во посета на ИТ компанијата „ИТГМА  ДОО”–Скопје, специјализирана за компјутерско програмирање и консултантски услуги. Компанијата, која има над 100 вработени, е основана во 2009 година и освен во Скопје, има канцеларии и во Белград, Република Србија како и во Обединетите Арапски Емирати.
Компанијата е корисник на финансиска државна помош во износ од близу 95 илјади евра, со што го реализирала нивниот План за инвестицискиот проект за периодот од 2020 до 2024 година.
„Денеска сме во посета на една од најуспешните македонски компании, која се занимава со софтверските и консултантските решенија кои ги нуди не само на нашиот пазар туку и вон границите на државата. Тие работат во најразвиените сектори на денешницата во областа на телекомуникациите, областа на финансиите, во областа на банкарството и навистина претставуваат компанија која што не само што е брзорастечка компанија на нашиот пазар туку претставува и место каде младите може да се развиваат и подготвуваат за индустриите на иднината“, изјави премиерот Ковачевски, при посетата на оваа ИТ компанија.
Тој потенцира дека Република Северна Македонија не е веќе земја со евтина работна сила.
 
„Имаме задоволни граѓани кои ќе работат во компании тука во нашата држава, а не да работат во компании надвор од државата, во други земји од ЕУ. Навистина, кога ќе се види искуството на вакви компании кои работат и кои што подготвуваат софтверски решенија за земји, кои ги сметаме за поразвиени од нас тогаш може со гордост да кажеме дека и нашата држава може да се носи рамо до рамо со оние за кои што до вчера сметавме дека се поразвиени од нас во многу делови“, нагласи премиерот Ковачевски, кој истакна дека зачленувањето во ЕУ е врвен приоритет за државата.  
 
Според него, зголемениот број странски инвестиции и зголемениот број на работни места се најдобар показател дека нашите граѓани се вредни, образовани и се препознаени кај инвеститорите како додадена вредност во нивните бизнис процеси.
Премиерот потсети и на владините мерки за поддршка на бизнисите.
„Минатата година ја заокруживме со над 750 милиони евра странски директни инвестиции и отворени се над 2.300 нови работни места. Бројката на вработени во технолошко-индустриските зони веќе надмина 17.000, само од 2018 година досега се 10.000 нови работни места. Радува фактот што новите работни места имаат плата што е над просечната плата и тоа е причината зошто платите во државата растат, тоа овозможува да растат и минималната плата, да расте и просечната плата, со тоа растат и пензиите и со тоа се зголемува животниот стандард на граѓаните“ рече премиерот Ковачевски, нагласувајќи дека Владата покажа одговорност со најголемиот пакет на антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра.
„Успеавме да помогнеме и на граѓаните, меѓутоа и на компаниите да ја задржат ликвидноста и со тоа да ги задржат и работните места. И затоа денес имаме 8% намалување на невработеноста и 9,5% зголемување на вработеноста во државата што само го потврдува фактот дека државата економски расте и се развива“, изјави премиерот Ковачевски. Тој додаде дека во текот на 2022 година државата инвестирала 23 милиони евра во директна помош за инвестиции на нашите компании и тоа над 410 компании, според Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
ИТ компаниите, како што кажа премиерот Ковачевски, се една од движечките индустрии и најголеми корисници на државната помош.
14.06.2023 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега