Костадиновска-Стојчевска во Виена: Со изложбата на МСУ во „Кунстхале“ сме дел од актуелниот уметнички миг во Европа
Во срцето на уметничка Виена, во музејот „Кунстхале Виена“ (Kunsthalle Wien Museumsquartier), македонската современа уметност синоќа беше во фокусот со „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“ (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection).
Во следните девет месеци европската и светската јавност ќе имаат можност да го согледаат дијалогот што преку свој кураторски проект го создадоа уметничките тимови на Музејот на современата уметност од Скопје и на „Кунстхале Виена“.
Проектот е инспириран од солидарната колекција на МСУ и е реализиран токму на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, и во тој контекст, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели: „Кураторите, преку даруваните дела од колекцијата и со новите од авторите што се вклучени во изложбата, поставуваат прашања што се актуелни и денес – можна ли е солидарноста воопшто, или солидарноста меѓу уметниците? Зборуваат за заедништво на спротивставени политички блокови преку уметност, како што се случило по земјотресот во Скопје“. Таа додава дека низ изложбата се актуализира и прашањето за архитектурата, за планирањето на градовите и за тоа како од проект за солидарно Скопје, стигнавме до „Скопје 2014“.
„Оваа соработка ни покажува дека кај нас секогаш се создавала уметност која е атрактивна и ангажирана да одговори на највисоките светски стандарди и текови во современата уметност. Тоа го покажуваат авторите кои се застапени во делот на солидарната колеција, но и авторите кои денес со својата концептуална уметност се дел од европската сцена, а се вклучени во овој проект.
Оваа изложба ни покажува дека сме дел од актуелниот уметнички миг во Европа, и нѐ охрабрува да се насочиме кон идни слични соработки кои секако ќе придонесат за поголема отвореност на светот кон македонското ново ликовно творештво“, вели Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура верува дека од оваа изложба излегуваме со нови трајни креативни пријателства со уметници од Мелбурн, Берлин, Истанбул и од Виена. „Веруваме дека пораките од изложбата ќе допрат широко во Европа и дека уметноста како средство за дијалог ќе се наметне во надминувањето на разликите со кои секојдневно се среќаваме“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.
Директорката на МСУ, Мира Гаќина, вели дека соработката со „Кунстхале Виена“ несомнено е еден од најкомплексните проекти досега и настан од национален интерес за нашата земја.
Куратори на изложбата се уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW“, кој го сочинуваат Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која содржи над 5 500 дела, во Виена се изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект. На изложбата синоќа беа претставени и фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, кои ги направи фотографката Елфи Семотан (Виена). Дел од проектот е и патопис на писателката Барби Марковиќ (Виена), која го опиша своето искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и од архивата на МСУ.
Пред отворањето на изложбата, предавање посветено на Скопје одржаа архитектите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков, чии архитектонски макети на постземјотресно Скопје се претставени во поставката.
Изложбата во „Кунстхале Виена“ ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа