Косовскиот министер објави снимка од внатрешноста на вилата на Радоичиќ: Тој е Пабло Ескобар (ВИДЕО)
Косовската полиција изутрината извршила претрес на имотот на поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ кој призна дека стои зад нападот врз полициски службеник на Косово.
Косовскиот министер за полиција Џељаљ Свечља објави видео од внатрешноста на вилата на Радоичиќ на брегот на езерото Газиводе, нарекувајќи го како Пабло Ескобар од регионот.
„Дури и од сликите што може да се видат, очигледно е дека не се работи за некој „борец за слобода“, туку за Пабло Ескобар од регионот. Под маската на бранителите на граѓаните, тој и неговите соработници станаа мултимилионери на сметка на законот, државата и другите граѓани.Затоа потребно е местото на злосторството сите овие години на северот на земјата да се истражи заедно со сиот имот на терористичката група“, напиша косовскиот министер.
Косовските власти го обвинија Радоичиќ дека е организатор и учесник во вооружениот напад, кој го окарактеризираа како терористички чин. Претходно го поврзуваа со криминални активности, а во декември 2021 година САД го ставија на црна листа поради сомневања за организиран криминал и корупција.
Оружениот инцидент предизвика нови тензии на релација Белград – Приштина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа