Кисела Вода станува смарт-општина – започнува имплементација на проектот за паметно улично осветлување

 
Советот на Општина Кисела Вода ја поддржа одлуката за имплементација на физибилити студијата за модернизација на јавното осветлување во Кисела Вода. Оваа инсталација на паметни светилки на територијата на целата општина ќе овозможи паметно и штедливо управување со електричната енергија и сузбивање на досегашните чести проблеми со уличното осветлување поради застарената и дотраена мрежа. Целосната имплементација на проектот овозможува и бесплатни ,,wi-fi” зони на територијата на општина Кисела Вода, полначи за електрични автомобили како и информативни дигитални дисплеи. Ова, потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски, се крупни чекори кои водат до зацртаната цел- Кисела Вода да стане целосно смарт општина и тоа првата во Македонија. 
 
-Денес Советот на општина Кисела Вода ја донесе одлуката за имплементација на физибилити студијата за модернизација на јавното осветлување во Кисела Вода, која ќе донесе огромни придобивки за сите наши жители. Имено, се работи за инсталација на паметни светилки на територијата на целата општина со нова технологија која има за цел паметно и штедливо управување со електричната енергија. Дополнително, со ова заминуваат во историјата проблемите со уличното осветлување, бидејќи онаа стара, нефункционална и дотраена мрежа комплетно ќе биде променета. Ако се земе предвид дека уличната мрежа придонесува со огромен процент на сметките за електрична енергија, со оваа нова технологија која за кратко време започнуваме да ја инсталираме, сметките значително ќе бидат намалени, овозможувајќи значајни придобивки за нашите жители. Овој проект исто така, со неговото комплетно имплементирање подразбира и бесплатни ,,wi-fi” зони на територијата на нашата општина, полначи за електрични автомобили како и информативни дигитални дисплеи.
 
Во рамки на ова, морам да нагласам дека претходно ги опремивме и сите училници и кабинети во основните училишта со смарт уреди, што даде огромен придонес во поквалитетно образование на нашите дечиња. Ваквите проекти не запираат, продолжуваме и понатаму се до нашата зацртана цел – а тоа е Кисела Вода да стане целосно смарт општина и тоа првата во Македонија-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
08.07.2024 - 12:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега