Минчев на средба со Ејакуза - разговараа за транспарентност и дигитализација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со извршниот директор на Партнерството за отворена власт (ПОВ), Аидан Ејакуза, во пресрет на тематскиот регионален состанок посветен на иницијативата Партнерство за отворена власт.
Како што информираат од Министерството за јавна администрација, на средбата се разговарало за тековната имплементација на Националниот акциски план 2024–2026, како и за стратешките активности на Министерството во насока на унапредување на транспарентноста, отчетноста, дигитализацијата и граѓанското учество во институциите.
Минчев на средбата истакнал дека Македонија останува целосно посветена на принципите на отворено владеење и дека ПОВ е клучна рамка за подобрување на квалитетот на јавните услуги и довербата на граѓаните во институциите.
– Нашата крајна цел е да изградиме јавна администрација која е професионална, отворена, достапна и во служба на граѓаните. Партнерството за отворена власт ни овозможува да ги зајакнеме механизмите за транспарентност и отчетност, но и да создадеме услови за поефикасни, квалитетни и правични јавни услуги. За нас, ова не е само меѓународна обврска, туку реална можност за подобрување на секојдневието на граѓаните, изјавил Минчев.
Директорот Ејакуза го поздравил напредокот на државата и ја потенцирал важноста на активната вклученост на граѓанското општество и користењето на дигитални алатки како клучни двигатели на промените во рамките на иницијативата ПОВ. Тој ја охрабрил земјата да продолжи со амбициозниот пристап и да ја зајакне улогата на Советот за ПОВ како форум за конструктивен дијалог и следење на имплементацијата.
Оттаму додаваат дека Министерството за јавна администрација ќе продолжи со проактивен пристап и партнерска соработка со домашни и меѓународни учесници, со цел натамошно унапредување на транспарентноста, интегритетот и ефикасноста на јавните институции во Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа