Кабинет на претседателот на Собранието: Гаши нема дискреционо право да ги блокира интерпелациите

 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши нема дискреционо право да ги блокира интерпелациите – тој е должен да ги проследи на натамошна постапка, како што се случи пред неколку месеци кога лично против него беше иницирана интерпелација, се посочува во соопштението од неговиот Кабинет откако од Алијансата за Албанците на Зијадин Села побараа тој итно да се повлече од обработувањето на интерпелација против претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поднесена од пратениците од Левица.

-Претседателот на Собранието, Африм Гаши ја уверува јавноста дека сите собраниски процедури се одвиваат во целосна согласност со Деловникот, Уставот и законите. Интерпелацијата против г-ѓа Илире Даути е една од петте интерпелации кои моментално се во тек, заедно со тие против министерот Меџити, заменик-министерот Исени, министерот Тошковски и министерот Стоилковиќ. Важно е да се напомене дека, согласно собраниските процедури, резултатот од интерпелацијата нема да влијае на позицијата на г-ѓа Даути, како претседател на Комисијата која ја води, се вели во реакцијата од Кабинетот на Гаши.

Посочуваат дека Гаши останува посветен на заштитата на интегритетот на Собранието и неговите процедури.

Од Алијансата за Албанците на Села во соопштение посочија дека нелегитимната коалиција ВЛЕН и претседателот на Собранието Африм Гаши се здружиле со Левица против претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, за да го деблокираат законот за бранители. Како што потенцираат, Гаши ја обработил интерпелацијата што ја покренале пратениците на Левица против Илире Даути, што значи дека со нејзиното разрешување ќе се избере друг претседател, кој може да не биде од нивните редови и потоа на дневен ред да го стави законот за бранители и истото да се обработи понатаму до конечното гласање.

- ВМРО, СДСМ и Левица имаат доволно гласови и нема друг механизам за блокирање. Го повикуваме Африм Гаши итно да се повлече од оваа скандалозна акција која нема врска ниту со функцијата претседател на комисијата, ниту со пратеничката Илире Даути, туку со нејзината битка за еднаквост на граѓаните. Го потсетуваме Гаши дека станува збор за битка која пратеничката Илире Даути заедно со нејзините колеги ја разви уште во времето кога таа се бореше за обезбедување државјанство за Албанците, кога дел од коалицијата беше и Африм Гаши. Но, денес, кога пратеничката Даути ја продолжува битката за еднаквост на Албанците, Гаши избра да им се придружи на оние кои и тогаш и денес се борат против Илире Даути и правата на Албанците во Северна Македонија, посочуваат од Алијансата за Албанците на Села.

16.12.2024 - 22:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега