Јовески за „Онкологија“: Оставете не професионално да го работиме предметот

 

Обвинителството не импровизира, туку работи по план, програма и насоки. Во овој случај е ангажиран целиот истражен центар и никој не може да бара обвинение за 20 или 30 дена. Запленета е обемна писмена и електронска документација која бара експерти за утврдување факти. Ние тука можеме врз основа на трагедијата на луѓето да бараме публицитет или гласови. Но, извинете, јас се оградувам од тоа и не сум ви соговорник во таква работа. Оставете на мир, професионално да го работиме предметот, а кој рекол и што кажал, во ходници може да се зборува, надвор од оваа сала, рече попладнево државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за „Онкологија“.

Како што објасни Јовески пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, откако претходно членовите-пратеници од опозицијата обвинија дека не се постапува соодветно и побараа одговорност, предметот во континуитет се работи, а прашањата не се истражуваат посебно, туку во целост. Се испитува, истакна Јовески, дали постои организирана шема на дејствување која овозможувала злоупотреби - извлекување средства или несоодветно лекување. Се сослушуваат и сведоци, па со компарирање на сите податоци Обвинителството треба да дојде до оценка кој какви дејства презел, дали постои поделба на улогите во извршувањето на работата, дали набавките биле законски и по процедура. 

Јовески потенцира дека нема намера никого да шити и ги увери пратениците дека случајот ќе биде истражен до крај. Не е потребно само обвиниение, подвлече Јовески, туку треба да се утврди материјалната вистина, да се обезбедат докази што навистина се случувало и да се врати довербата на луѓето во здравствениот систем.

-Ве уверувам дека сите прашања ќе бидат до крај истражени, но не како делови. Тие мора да се вклопат во целина за да се извлече оценка за вкупниот настан и за улогата на сите лица кои евентуално го прекршиле законот. Нам не ни треба само обвинение, туку ни треба да ја утврдиме материјалната вистина, да обезбдиме докази што навистина се случувало и да ја вратиме довербата на луѓето во здравствениот систем. Немам намера никого да штитам. Цел живот сум го посветил на професијата и не сакам на крајот сиот мој вложен труд да го доведам во прашање. Битно е моето чувство дека работам согласно прописи и закон и сакам тој што направил кривично дело за дејства што се кривично дело да одговара. Кој и да е во прашање, Обвинителството ќе преземе или презема соодвети дејства. Секој што направил кривично дело или што презел дејства кои имаат елементи на кривично дело, бидете уверени дека содветно ќе одговара, подвлече Јовески.

13.10.2023 - 18:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега