Јовановски: Ова не е бавча на Арсовска, граѓаните треба да ѝ се лутат на неа
Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ кажа дека блокадите не само што остануваат, туку и ќе ги прошират сè додека не им се исплатат околу два милиони евра на приватните превозници.
Градоначалничката Арсовска и ЈСП, како што изјави, не ги исконтактирале за време на викендот и затоа продолжуваат со протестите.
„Ова не е бавча на градоначалничката Арсовска, таа треба да постапува законски според одлуките на Совет на Град Скопје“, рече Јовановски. Според него, мора да се лоцира вината и граѓаните да ѝ се лутат на градоначалничката.
Тој ја повика и Влада да се вклучи во изнаоѓање на решение за приватните превозници.
Со блокадата „Слобода превоз“ го држи во заложништво цел град, а граѓаните со часови патуваат од една точка до друга, со оглед на тоа што се блокирани клучните крстосници во Скопје. Од Здружението на возачи „Слобода превоз“, денеска, преку социјалните мрежи им се извинија на скопјани за сообраќајниот метеж.
„’Слобода превоз’ во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и сè до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат поддршка од сите граѓани со цел побргу да се изнајде решение на проблемот“, истакнаа од „Слобода превоз“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа