Јовановска: Бебето со повреда на раката е во добра состојба, се работи за лесна фрактура
Директорката на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје, Викторија Јовановска попладнево во изјава за медиуми рече дека бебето, кое се здоби со повреда на раката при породување, е во добра состојба и дека се работи за лесна фрактура.
Јовановска денеска се сретнала со семејството на бебето и им објаснила како е настаната повредата.
- Им објаснував како е настаната повредата, дека тоа е можна и предвидена компликација, рече Јовановска, појаснувајќи дека ова може да се случи како компликација при попречена поставеност на плодот и дека мајката уште при прием била заведена како мајка со ризик.
Во случајов, како што рече Јовановска, родителите не прават проблем затоа што настанала фрактурата на коската, бидејќи се работи за втор царски рез после две години.
- Плодот е роден во одлична кондиција со многу добра оценка за виталност. По раѓањето, бебето било дадено на проценка кај педијатар. Педијатарот проценил дека се работи за лесна пареза. Таква пареза најчесто се повлекува за 24 до 48 часа, нагласи Јовановска.
Денеска се состанала и Комисијата формирана од страна на ГАК, која ја разгледувала историјата и првично е проценето дека нема стручна грешка.
Бебето беше родено во саботата, на 30 декември. Родителите се од Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа