Извор од ЕУ: Македонија реагираше навремено и соодветно за инцидентот во Охрид

 

Натамошна ексалација на тензиите меѓу Македонија и Бугарија нема логика бидејќи тоа не е ниту во интерес на Скопје, ниту во интерес на Софија, ниту на соседите, ниту на Европската Унија. Извор од ЕУ реакцијата за последниот инцидент во Охрид на надлежните органи ја оцени како соодветна и навремена бидејќи настанот беше осуден од сите, а извршителите беа приведени.

-Тоа што сакаме да видиме во ЕУ е намалување на тензиите и добрососедски односи, а не нивна ескалација, вели изворот, без да сака да ги коментира најавите за прогласување на некои бугарски политичари за непожелни во Македонија. Тоа тој го смета за прашање за Советот за национална безбедност, а не за Брисел

Сепак, тој вели дека нема идеја како ЕУ би можела да ни даде гаранции дека Софија нема да може да ги користи ваквите инциденти за блокирање на Македонија. Но, посочи дека кај земјите-членки нема интерес и расположение за историјата, јазикот или идентитетот да станат дел од евроинтеграцијата на Македонија.

Во однос на малцинските права, изворот вели дека тие се дел од процесот, но тука Македонија веќе покажача дека ги почитува и има добри резултати.

За уставните измени, овој извор нагласи дека се билатерална обврска договорена меѓу Бугарија и Македонија и суверена одлука на нашата држава.

„Прашањето стана многу исполитизирано, иако промената на Уставот нема влијание на прашањето на идентитетот на граѓаните. Ниту тој ќе се смени со преговорите, ниту јазикот, ниту историјата“, порачува овој извор од ЕУ.

Сепак, вели дека логично е ако не се остварат измените во Уставот, процесот на преговори да биде запрен и затоа треба да се имаат предвид импликациите ако не се направат уставните измени.Тој смета дека одлуката да има предвремени избори или не е наша суверена, но нагласи дека она што влијае на животот на граѓаните се корупцијата и владеењето на правото и подобро е да го искористиме времето до 2024 година да ги направиме  реформите. Според него преговорите со ЕУ ќе успејат само ако се национален проект, т.е. ако сите ги поддржат, иако тоа не значи дека опозицијата за сѐ треба да вика „да“.

Европски дипломати имале „искрен разговор со ВМРО-ДПМНЕ“ и ставот што им го изнеле тие бил ист како тој што го кажуваат јавно, но во ЕУ се надеваат дека со разумни разговори, особено околу тоа која ќе биде навистина импликацијата од промената на Уставот, ќе се обезбедат доволно гласови да се направат промените. 

 

26.01.2023 - 15:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега