ИЈЗ до граѓаните: Пресипитајте го вашиот пијалок, вежбајте за празниците

 

Можеби во празнична атмосфера, забавите, патувањата исполнети со вкусни и примамливи намирници и пијалаци не е лесно да се придржуваме до принципите на здрава и врамнотежена исхрана. Но, со внимателен избор на храна и умереност, можеме да уживаме во празниците, а и по празници без дополнителни здравствени ризици.

ИЗБОРОТ НА ХРАНА ЗАПОЧНУВА ВЕЌЕ ВО ПРОДАВНИЦАТА, СО ПАМЕТНО КУПУВАЊЕ

На пазарење е најдобро да одиме наспани и по квалитетен оброк. Тешко ќе одолееме на импулсивно купување доколку сме гладни и по непроспиена ноќ, во такви ситуации ќе купуваме храна богата со шеќер, масти и сол и ќе бидеме склони кон донесување импулсивни одлуки.

ОСНОВНИ НАСОКИ ЗА ПРАЗНИЧНА ИСХРАНА

„Клучот“ за здрав режим на исхрана е во умереноста. Не јадете сè на гозбите и забавите. Јадете полека. Јадете блиску до вообичаеното време. Не прескокнувајте оброци за да јадете за време на гозбата или забавата. Така ќе е потешко да го контролирате шеќерот во крвта, ќе бидете навистина гладни и веројатно вечерта ќе се прејадете. Одберете овошје наместо грицки. Намалете ја количината на шеќер и не претерувајте со чоколадото.

ЗДРАВ РЕЖИМ НА ИСХРАНА

Избегнувајте пржена, висококалорична, мрсна и зачинета храна, а место таква, подгответе или изберете да јадете варена или храна печена во фурна. При изборот на месо, дадете приоритет на белото месо (пилешко, мисиркино), а ограничете ја употребата на црвено месо со видливи масти. Со месото задолжително подгответе доволно зеленчук и разни свежи салати. Рибата нека биде на празничната трпеза.

ВНИМАВАЈТЕ НА СОЛТА Отстранете го соларникот од празничната трпеза. Користете несолени замени за солта, како што се црн бибер, луто, лимон, оцет, лук и други зачини.

АЛКОХОЛОТ И ЗАСЛАДЕНИТЕ ПИЈАЛАЦИ СЕ ИЗВОР НА Т.Н. „ПРАЗНИ КАЛОРИИ“

Преиспитајте го вашиот пијалак! Слатките пијалаци кријат кисела вистина. Не купувајте и не складирајте засладени пијалаци дома. Во кафулиња, ресторани и слично, не нарачувате безалкохолни пијалаци и избегнувајте шлагови, преливи, сокови на растворување, сирупи итн. Редовно носете со себе вода во стаклено шише. Не постои безбедно ниво на консумирање алкохол! Консумацијата на алкохол може да предизвика непосакувани состојби, а алкохолот е и многу калоричен. , За лицата на возраст од 15 до 39 години нема здравствени придобивки од пиењето алкохол, туку само здравствени ризици.

ХИДРАТАЦИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИЦИТЕ Водата нека биде Ваш прв избор! Ако ви недостасуваат газирани пијалаци, изберете газирана минерална вода без вкус (арома). Чај или домашно цеден сок без додаден шеќер. * Имајте предвид дека, ништо од горенаведените пијалаци не се целосна замена за водата, туку може да заменат една порција. НОЌЕН СОН Намалениот сон, може да го отежне справувањето со шеќерот во крвта, а заради недоволното спиење, ќе ви се зголеми желбата за внес на храна богата со масти и шеќери. За да се заштитите од нерационален внес на храна, потрудете се навечер да спиете меѓу 6 и 8 часа.

ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Одделете најмалку 30-45 минути дневно за пешачење.

КОРИСТЕЊЕ НА ПИРОТЕХНИЧКИ МАТЕРИЈАЛИ

Понесени од атмосферата, често, особено кај детската и адолесцентната популација, славењето е проследено со зголемена употреба на пиротехнички материјали. Употребата на пиротехнички материјали има сериозни негативни јавноздравствени последици. Повредите поврзани со употребата на пиротехнички материјали се тешки, претворајќи ги многу прослави и весели моменти во несреќи. Најзасегнати се децата, старите лица и лицата со респираторни или срцеви заболувања. Краткорочното изложување на нус-продукти од употреба на пиротехника може да влоши некоја постоечка белодробна болест или да предизвика астматичен напад. Кај луѓето со срцеви заболувања, краткотрајната изложеност на чад од употребата на пиротехмички средства може да се поврзе со срцев удар и аритмии. Чадот од употребата на пиротехничките материјали придонесува за загадувањето на воздухот. Не заборавајте, не страдаат само луѓето, страдаат и животните! Правилната исхрана, редовната физичка активност и давање приоритет на безбедноста наместо на пиротехниката ќе нѝ помогнат во остварувањето на желбите кои ќе ги посакаме за годината што доаѓа.

31.12.2024 - 10:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега